ЌЕ СЕ ПРОБИЕ ПЛАНИНАТА 21 тунел и 52 мостови за новата железница кон Бугарија
о европски грант од 149 милиони евра и кредити од 175 милиони евра ќе се гради најсложената железничка делница во Македонија.

Третата фаза од изградбата на железничката пруга кон Бугарија доби зелено светло со обезбедени 149 милиони евра грант од Европската Унија и дополнителни 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Договорите за финансирање на изградбата на 22-километарската делница денеска беа потпишани во Владата, а проектот предвидува изградба на прекуграничен железнички тунел кој ќе го поврзе Крива Паланка со територијата на Бугарија, како дел од Коридорот 8.
Директорот на Македонски железници, Синиша Ивановски, оцени дека станува збор за најсложениот инфраструктурен проект во државата во последните децении.
„Пругата ќе биде едноколосечна линија за мешан сообраќај – и за патници и за товар. На само 22 километри ќе има 21 тунел со вкупна должина од 7,8 километри, како и 52 мостови и вијадукти со должина од околу 5 километри“, изјави Ивановски.
Тој посочи дека повеќе од 60 проценти од трасата ќе поминува низ тунели и преку мостови, што ја прави изградбата исклучително сложена поради тешкиот терен и потребата од дополнителни геолошки, геотехнички, хидролошки и геодетски истражувања.
Новата железничка делница ќе биде целосно електрифицирана.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, нагласи дека проектот е од стратешко значење за Македонија и за нејзиното позиционирање како важна транспортна точка на Балканот.
„По речиси две години работа доаѓаме до проект кој е реален и остварлив. Особено значајно е што постигнавме договор со Бугарија за изградбата на прекуграничниот тунел кој ќе ги поврзе двете држави“, рече Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека најважно е тунелот да не остане недовршен на границата, туку да продолжи и на бугарска територија.
Во следниот период треба да биде распишан тендер за избор на изведувач, а според најавите на Министерството за транспорт и врски, градежните работи се очекува да започнат до крајот на годинава. Коридорот 8 е еден од најзначајните европски транспортни правци со стратешко, економско и геополитичко значење за регионот.
Првата фаза од железничката пруга, од Куманово до Бељаковце, е завршена со средства од ЕБОР и пуштена во употреба во јануари 2025 година. Во тек е изградбата на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка, која се финансира со заем од ЕБОР и грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија.
МАКЕДОНИЈА ОСТАНА БЕЗ 60 МИЛИОНИ ЕВРА Пропадна европскиот грант за Коридорот 8

