ФУДБАЛСКИ СПЕКТАКЛ НА СП 2026 Меси, Мбапе и Халанд во ист ден на терен
Ден исполнет со фудбалски спектакли – четири натпревари, големи имиња и борба за првите бодови на СП 2026.

Неверојатен ден нè очекува на Светското првенство 2026. На програмата се појавуваат најголемите ѕвезди на денешниот фудбал, Аргентина на Лионел Меси, Франција со својот страшен офанзивен арсенал и Норвешка предводена од Ерлинг Халанд.
Еден од најинтересните натпревари од првото коло ќе се одигра во Групата И, каде што силите ќе ги одмерат Франција и Сенегал. Групата веќе доби епитет „група на смртта“, бидејќи покрај двата фаворити тука се и опасната Норвешка и аутсајдерот Ирак.
Ова ќе биде прв меѓусебен дуел на Французите и Сенегалците по 24 години на светските првенства. Последниот пат кога се сретнаа, на Мундијалот во 2002 година во Сеул, Сенегал приреди една од најголемите сензации во историјата, совладувајќи ја тогашната светска и европска шампионска Франција со голот на Папа Буба Диоп.
Франција во новата светска авантура влегува како еден од главните фаворити. Нападот изгледа застрашувачки со Олисе, Мбапе, Дембеле и Дуе, додека Рајан Черки ја чека својата шанса од клупата. Иако често се зборува за можните проблеми со егото и атмосферата во тимот, квалитетот на „триколорите“ е несомнен.
За Дидие Дешамп ова ќе биде последен Мундијал како селектор и неговата цел е јуриш кон нов трофеј. Франција сака победнички старт и порака до сите ривали.
Но, Сенегал нема намера да биде само учесник. Африканската селекција предводена од Садио Мане има квалитет да му создаде проблеми на секој противник. Сенегалците пристигнуваат со огромна мотивација и желба да испишат нова страница во историјата на светските првенства.
Аргентина тргнува во одбрана на титулата
Актуелниот светски шампион Аргентина ја започнува одбраната на трофејот против Алжир. „Гаучосите“ добро се сеќаваат дека во Катар започнаа со шокантен пораз од Саудиска Арабија, но на крајот стигнаа до трофејот.
Од финалето против Франција во декември 2022 година, Аргентина одигра 37 натпревари и загуби само четири, против Уругвај, Парагвај, Колумбија и Еквадор. Во меѓувреме, тимот на Лионел Скалони освои три големи трофеим Копа Америка 2021, Светското првенство во Катар и уште една континентална титула.
Алжир е голема непознаница. Репрезентацијата има нова генерација играчи, но и искусни лидери како Ријад Марез. Следбениците на африканскиот фудбал ги гледаат како потенцијално опасен противник, слично како Мароко на Мундијалот во Катар. Имаат квалитет и потенцијал, но остануваат прашањата околу нивната константност.
Во останатите натпревари од денот, Норвешка на Ерлинг Халанд ќе се соочи со Ирак, додека Австрија ќе игра против Јордан.
Распоред на натпревари:
ГРУПА И
Њу Џерси – 21:00 часот
Франција – Сенегал
ГРУПА И
Бостон – 00:00 часот
Ирак – Норвешка
ГРУПА Ј
Канзас – 03:00 часот
Аргентина – Алжир
ГРУПА Ј
Сан Франциско – 06:00 часот
Австрија – Јордан


