БИБЛИОТЕКАТА КОЧО РАЦИН ВО ТЕТОВО Станува универзитетска библиотека
Владата ја усвои одлуката на предлог на Министерството за култура и туризам, со цел проширување на библиотечните услуги и подобрување на пристапот до литература и научни ресурси за студентите, професорите и истражувачите.

Владата на денешната седница ја усвои одлуката за проширување на дејноста на Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово и нејзина трансформација во Универзитетска библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово. Одлуката е донесена на предлог на Министерството за култура и туризам.
Со оваа промена се прави значаен чекор во развојот на Тетово како универзитетски центар, со очекуван придонес кон унапредувањето на високото образование, научноистражувачката дејност и библиотечните услуги.
Како национална установа од областа на културата, библиотеката „Кочо Рацин“ има важна улога во задоволувањето на културните, информативните и образовните потреби на граѓаните на Тетово и на Полошкиот регион.
Со проширувањето на нејзината дејност, библиотеката ќе овозможи поширок пристап до библиотечните фондови и услуги за студентите, универзитетските професори и истражувачите, поддржувајќи го образовниот и научниот развој.
Од Министерството за култура и туризам посочуваат дека продолжуваат со активности за зајакнување на институционалните капацитети и развој на библиотечната дејност, препознавајќи ја улогата на библиотеките како центри на знаење, образование, истражување и културен развој.

