ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА На Филипче му честитаме на рамнодушноста, но не му завидуваме на наивноста дека ќе се истурат милијарди од ЕУ ако ги прифатиме бугарските барања
Од партијата тврдат дека ветувањата за европски милијарди се илузија и дека никој однадвор нема да ја среди Македонија ако самата не расчисти со корупцијата и лошото владеење.

Единствена Македонија изразува вчудоневиденост од вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој оцени дека земјата треба што поскоро да ги прифати бугарските барања и да продолжиме на патот на ЕУ, бидејќи ако не сме го фатиле како што вели Филипче последниот воз, нема да сме влегле во т.н. седумгодишно буџетирање од ЕУ и Македонија нема да преживее.
Го потсетуваме Филипче дека ова е стара приказна со силните пари од ЕУ во изминатите 30 години, а во реалноста состојбата е обратна.
Нека повели Филипче да го прибави и покаже изводот од буџетската сметка колку пари се легнати од ЕУ во изминатите 30 години. Силните европски пари се само слатки приказни посебно за Македонија кога постојано ни велат само бришете се што е македонско и ве чека рајот во Европската Унија.
Партијата оценува дека по падот на социјалистичкиот блок во 1990 година бил воспоставен економски однос во кој западноевропските држави имале значителна корист од земјите од Источна Европа. Во тој контекст, тврдат дека од Македонија во последните 30 години биле извлечени околу 5 милијарди евра, додека назад биле вратени средства преку различни програми и донации во висина од околу 400 милиони евра и тие им служат во наменската кампања на ЕУ да го замајуваат народот. Па така, од време на време ќе слушнеме како ЕУ изградила некој селски пат, школо, амбуланта, а еден дел од тие пари им служат за купување на домашните политичари-марионети кои потоа верно им служат и го дозволуваат и грабежот што го прават. Затоа, нашите политичари влегуваат во власта како најголеми голтари а кога ќе им истече мандатот излегуваат како најголеми капиталисти.
Далеку од паметот е да се мисли дека има на запад некои луди германци, холанѓани, швеѓани… кои ќе го полнат буџетот на ЕУ за да тие истураат тука силни милијарди во Македонија оти ептен се потресени да не направат среќни и весели. Ова е надвор од секаква човечка логика.
Филипче треба да знае дека Македонија и утре да стане членка на ЕУ пак ќе си биде исто. Доколку сами не си ја средиме внатре државата со чесни политичари кои ќе расчистат со грабежот и предавствата, нека биде уверен дека никој од надвор нема да не направи држава со добар стандард.
Доколку Филипче верува дека со влегувањето во ЕУ веднаш на границата со Табановце ќе се истурат милијарди евра од Брисел, може само да му честитаме на рамнодушноста, но, не му завидуваме на наивноста.


