БАНКИТЕ ОТКРИВААТ НОВ ТРЕНД Македонците сè повеќе штедат, но и земаат кредити

Новите податоци на Народната банка покажуваат раст и кај депозитите и кај кредитирањето, а најголем интерес има за станбени и корпоративни заеми.

БАНКИТЕ ОТКРИВААТ НОВ ТРЕНД Македонците сè повеќе штедат, но и земаат кредити
Фото: Принтскрин

Банкарскиот систем во земјава и понатаму покажува стабилни позитивни движења, со раст и кај штедењето и кај кредитната активност, покажуваат најновите податоци на Народната банка за мај 2026 година.

Паричната маса (М3) во мај е зголемена за 0,8 проценти во однос на април, додека споредено со истиот месец минатата година бележи раст од 8,6 проценти. На зголемувањето најмногу влијаеле повисоките готови пари во оптек, депозитните средства и долгорочните депозити.

Раст е забележан и кај вкупните депозити во банкарскиот сектор, кои на месечно ниво се зголемиле за 0,8 проценти. Главен двигател на овој пораст се депозитите на корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните депозити се повисоки за 8,6 проценти, при што најголем придонес имаат домаќинствата.

Паралелно со растот на штедењето, продолжува и зголемувањето на кредитирањето. Вкупните кредити во мај се зголемиле за 1,2 проценти во однос на претходниот месец, а на годишна основа растот достигнува 13,4 проценти. Зголемена активност има и кај кредитите за компаниите и кај кредитите за граѓаните.

Кредитирањето на компаниите продолжува со силна динамика. Кредитите за корпоративниот сектор се повисоки за 0,9 проценти во споредба со април, а годишниот раст изнесува 15 проценти. Во исто време, депозитите на компаниите пораснале за 2,5 проценти на месечно и за 5,8 проценти на годишно ниво.

Кај домаќинствата, депозитите во мај останале речиси стабилни, но во споредба со истиот период лани се зголемени за 9,7 проценти. Кредитите на населението, пак, бележат месечен раст од 1,3 проценти и годишен раст од 12 проценти.

Најголем интерес кај граѓаните и понатаму има за станбените кредити, кои се зголемиле за 1,4 проценти на месечно ниво и за 16,3 проценти во однос на мај 2025 година. Потрошувачките кредити исто така продолжуваат да растат, со зголемување од 1,1 процент месечно и 11,2 проценти годишно.

Позитивни трендови се забележуваат и кај автомобилските кредити, додека кредитите преку платежни картички бележат благ раст во однос на април, иако сè уште се под нивото од истиот период минатата година.

Најновите показатели на Народната банка потврдуваат дека граѓаните и компаниите сè почесто ги користат банкарските услуги, а засиленото кредитирање останува еден од важните фактори за поддршка на економската активност.

ФИНАНСИСКИ ДВИЖЕЊА Еве што покажуваат најновите бројки за каматите

CATEGORIES
Share This