ДУА ЛИПА СЕ ОГЛАСИ ПО ПРЕСУДИТЕ ВО ХАГ Еве што објави за ОВК
Пораката на светски познатата пејачка предизвика внимание откако поранешните лидери на ОВК беа осудени во Хаг.

Пејачката Дуа Липа јавно изрази поддршка за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), предводени од поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, откако Специјализираните совети за Косово во Хаг во средата ги осудија за воени злосторства.
Липа на својот профил на Инстаграм објави амблем на ОВК со пораката „Liria ka emër“, односно „Слободата има име“.
Таа ја сподели и објавата на нејзиниот татко, Дукаѓин Липа, кој ја нагласува улогата на ОВК во борбата за независност на Косово и наведува дека нејзината борба не треба да биде доведувана во прашање.
„Слободата е освоена со крв – крвта на мачениците кои ги дадоа своите животи за слободата. Никој нема право да ја оцрни нашата борба за слобода. Никој нема право да ја оцрни Ослободителната војска на Косово и идеалот на илјадници млади мажи и жени кои ги дадоа своите животи за слободата што ја уживаме денес“, се наведува во објавата што ја сподели пејачката.
Во неа дополнително се истакнува дека ОВК „е и секогаш ќе остане симбол на нашата слобода и независност“.
Дуа Липа е родена во Лондон во семејство со косовско-албанско потекло, а во детството со семејството се преселила во Приштина. Таа во повеќе интервјуа има говорено за значењето на Косово за нејзиниот идентитет и за нејзината желба да придонесе кон поголемата меѓународна препознатливост на Косово.

