ДРАМА ВО ЗОРИ – Маскирани лица со бензин тргнале да палат синагога во Скопје

Амбасадорката Вивиан Аисен ја поздрави брзата реакција и повика на итна правда.

ДРАМА ВО ЗОРИ – Маскирани лица со бензин тргнале да палат синагога во Скопје
Фото: Принтскрин

Израелската амбасадорка во Северна Македонија, Вивиан Аисен, ја поздрави брзата и ефикасна реакција на надлежните институции по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.

Преку објава на платформата X (Twitter), таа ја сподели реакцијата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој остро го осуди инцидентот и нагласи дека ваквите постапки се неприфатливи. Аисен изрази благодарност за навременото институционално дејствување, оценувајќи дека брзата реакција и повикувањето на одговорност се клучни за спречување на слични случаи во иднина.

Од Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија информираа дека истрагата е во тек и дека полициски екипи веднаш излегле на терен по пријавата. Во дворот на верскиот објект биле пронајдени канистер со гориво и траги од горење, по што се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителите.

Според првичните информации, две лица со мотоцикл пристигнале пред синагогата во раните утрински часови, при што едното прескокнало ограда носејќи канистер со бензин, додека другото останало во близина. Двете лица носеле заштитни шлемови, најверојатно за прикривање на идентитетот, а снимките од безбедносните камери укажуваат на обид за подметнување пожар.

Од Еврејската заедница во земјата го оценија случајот како сериозен инцидент и побараа темелна истрага, како и јасна осуда од општеството. Претседателот на заедницата, Пепо Леви, истакна дека ваквите дела не се напад само врз објект, туку и врз вредностите на соживотот, толеранцијата и меѓусебното почитување.

Амбасадорката Аисен дополнително повика на брза правда, предупредувајќи и на зголемен говор на омраза и нетолеранција во последните години, што може да доведе до засилување на антисемитизмот. Таа потенцираше дека еврејската заедница има длабоки историски корени во земјата и значаен придонес во општествениот живот, изразувајќи очекување институциите да постапат решително и ефикасно.

CATEGORIES
Share This