ДРАМА ВО ЛИГА 1 – Енрике призна, го добивте тоа што го баравте
Лион направи изненадување на „Паркот на принцовите“ и го победи фаворизираниот ПСЖ со 2-1

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, по поразот од Лион со 1-2 на „Паркот на принцовите“, ја истакна зголемената неизвесност во трката за титулата во Лига 1, откако Ленс се доближи на само еден бод зад лидерот.
ПСЖ важеше за фаворит во дербито, но неочекувано загуби. Енрике одлучи да одмори дел од клучните фудбалери од стартот, а дополнителен проблем беше повредата на Витиња во 38. минута. Подоцна во игра влегоа Дембеле и Кварацхелија, но без значаен ефект врз резултатот.
Лион стигна до водство од 2-0, а ПСЖ во завршницата само го ублажи поразот со гол на Кварацхелија. Парижаните промашија и пенал и иако упатија 23 удари кон голот, не успеаја да избегнат пораз. Сега имаат минимална предност пред Ленс, но и два натпревари помалку.
„Сè е јасно кога ќе се погледне натпреварот. Почнавме со намера да контролираме, но примивме два гола од првите две шанси. Тогаш стана многу тешко. Имавме многу обиди, но реализацијата беше проблем, а и промашениот пенал направи разлика. Се обидовме да реагираме, но не успеавме“, изјави Енрике.
Тој додаде дека Лион одиграл на високо ниво и заслужено победил, нагласувајќи дека тимот мора да се адаптира на густиот распоред и ротацијата на играчите.
На прашањето за тоа што Ленс се доближил на табелата, Енрике одговори:
„Сакавте поинтересна лига? Еве ја. Ленс игра одлична сезона и борбата ќе трае до крај.“
Тренерот најави и понатамошни промени во составот поради честите натпревари, бидејќи ПСЖ го очекуваат и тешки дуели во Лигата на шампионите против Баерн Минхен.
За повредата на Витиња, Енрике истакна дека ситуацијата не изгледа добро и дека дополнителните прегледи ќе ја утврдат сериозноста.
И покрај овој кикс, ПСЖ останува на врвот во Лига 1, но трката за титулата сега станува значително поинтересна.
