ДРАМАТИЧНО ВО ПОРТУГАЛСКИОТ ТАБОР Се бара ли крај на ерата на Роналдо
На 41 година има место само како голман, брутален напад на Сколс врз Роналдо.

Кристијано Роналдо повторно се најде во центарот на вниманието по ремито на Португалија против ДР Конго (1:1) на стартот од Светското првенство, а дебатата за неговата улога во националниот тим станува сè пожестока.
По натпреварот се појавија шпекулации за незадоволство во соблекувалната, додека дел од јавноста го обвинува 41-годишниот капитен дека неговата игра е премногу индивидуална и дека не се вклопува најдобро во системот на селекторот Роберто Мартинез.
Дополнителни реакции предизвика изјавата на Жоао Невеш, кој порача дека во репрезентацијата Роналдо се третира како секој друг играч.
„Сите знаеме што направил за Португалија, но во моментов и тој е само уште еден соиграч кој треба да му помогне на тимот“, изјави Невеш.
Неговите зборови беа протолкувани како порака дека статусот на легендарниот напаѓач повеќе не е недопирлив, што дополнително ги разгоре шпекулациите за можни поделби во тимот.
Роналдо брзо реагираше преку социјалните мрежи. Најпрво објави фотографија од натпреварот со пораката: „Фокусирај се на она што можеш да го контролираш“, а потоа и заедничка фотографија со соиграчите со кратката порака: „Секогаш обединети“, испраќајќи сигнал дека атмосферата во репрезентацијата останува стабилна.
Во критиките се вклучи и француската легенда Тиери Анри, кој како аналитичар на „Фокс спортс“ остро го анализираше настапот на Роналдо.
„Тимот треба да постигне гол, не вие лично“, порача Анри, посочувајќи ситуација во која, според него, Роналдо со своето движење му го затворил просторот на Бруно Фернандеш и ја олеснил работата на противничките дефанзивци. Според Французинот, португалскиот капитен премногу се фокусирал на личниот учинок наместо на колективниот интерес на тимот.
Уште поостар беше легендарниот англиски играч Пол Сколс, кој смета дека присуството на Роналдо во стартниот состав станува сериозен проблем за селекторот Мартинез.
„На 41 година има само една позиција на која треба да почнувате натпревар – голман“, изјави Сколс. Поранешниот играч на Манчестер јунајтед оцени дека Роналдо тешко се вклопува во натпревари со висок интензитет и брзи транзиции, додавајќи дека Португалија има потреба од поагилен напаѓач. „За мене, Роналдо треба да влегува во последните 15 минути“, порача Сколс.
Статистиката од мечот против ДР Конго дополнително ги поттикна критиките. Во првото полувреме Роналдо не упати ниту еден удар кон голот и не доби ниту еден дуел, што беше искористено како аргумент од неговите критичари.
Во меѓувреме, португалските медиуми објавуваат дека во јавноста се појавиле и тврдења за недоволна соработка меѓу соиграчите и наводно „игнорирање“ на капитенот на теренот. Иако дел од аналитичарите ги отфрлаат приказните за организиран бојкот како неосновани, атмосферата околу репрезентацијата останува напната.
Португалија сега е под силен притисок да ги смири страстите и да се фокусира на следниот натпревар, додека дебатата за тоа дали е дојдено време за нова ера без Кристијано Роналдо продолжува да доминира во спортската јавност.


