ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, четврток, 04 јуни 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, четврток 04 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да престане да работи против македонските национални интереси

Венко Филипче не ги брани македонските позиции и македонските интереси, туку упорно ја застапува агендата која целосно им одговара на официјална Софија и на бугарските интереси. И покрај тоа што Македонија се соочува со постојани негирања на својот национален идентитет, јазик и историја, Филипче секојдневно настапува како портпарол на политиките на Бугарија кои бараат нови отстапки од македонска страна, без никакви гаранции и без никаква извесност за европската иднина на државата.

СДС и Венко Филипче не нудат визија, не нудат план и не нудат решенија. Единствената политика на СДС и Филипче е слепо прифаќање на сите барања кои доаѓаат однадвор, без притоа да покажат минимум достоинство и грижа за државните интереси. Филипче продолжува да ја пласира истата реторика која со години ја слушаме од бугарските власти дека Македонија мора безусловно да попушта, а Бугарија не мора да направи ниту еден чекор кон почитување на македонскиот народ и неговите права.

Наместо да се бори за подобра преговарачка позиција на Македонија, Филипче упорно се бори за спас на сопствената политичка кариера. Токму затоа секој негов јавен настап е исполнет со истите пораки, истите флоскули и истите притисоци врз македонскиот народ. Време е Венко Филипче да разбере дека Македонија нема да оди напред преку понижувања, уцени и национални отстапки. Македонија ќе оди напред само со политики кои ги штитат државните и националните интереси, а не со политики кои служат на туѓи агенди.

Граѓаните заслужуваат политичари кои ќе ја претставуваат Македонија, а не политичари како Филипче кои ќе ги оправдуваат позициите на другите држави. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена кон европскиот пат, но тој пат треба да биде базиран на принципи а самиот процес да е кредибилен и предвидлив.

СДСМ: Кошта потврди дека Мицкоски лаже, Вајц потврди дека реформи нема

Пораките на Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и најновиот извештај на Вајц усвоен од Европскиот парламент се две силни потврди за она што СДСМ го говори со месеци. Мицкоски ги лаже граѓаните за европската иднина на Македонија, неговата криминална Влада не испорачува никакви реформи.

Кошта јасно и недвосмислено порача дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на пристапните преговори со Европската Унија. И ништо повеќе, како што рече. Нема „дополнителни гаранции“, нема „нова преговарачка рамка“, нема „уставни измени со одложено дејство“. Ова беа лаги со која Христијан Мицкоски ја манипулираше јавноста.

Тој ветуваше дека ќе обезбеди подобри услови за преговори, дека ќе ја смени преговарачката рамка и дека ќе донесе некакви гаранции. Денес, откако и самиот Кошта ја кажа вистината, сите тие лаги паднаа во вода. Додека Мицкоски секојдневно пласира нови измислици за Европа, од Брисел пристигна и втора порака – нема реформи. Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, и членовите на Комитетот за надворешни работи во Ивештај констатира дека не е постигнат напредок, особено во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.

Европратениците во Комитетот јасно ги посочуваат манипулациите и дезинформациите преку „странско непријателско мешање и кампањи за дезинформации“, што е уште една силна потврда на она што го говори СДСМ за поврзаноста на ВМРО со СНС на Вучиќ и нивните кампањи. Вистината е сега на виделина. Мицкоски и неговата организирана криминална група не сакаат европска интеграција затоа што ЕУ носи независно судство, силни институции, европски стандарди и одговорност за секој што го прекршил законот.

Со Мицкоски нема европска иднина, нема подобар животен стандард и нема перспектива за младите. Има само изолација, стагнација и продолжување на кражбата. Реформи сега. Европа сега. Распишете референдум веднаш. Граѓаните сами нека одлучат – интеграција или изолација.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Единствена Македонија бара национален документ, ќе има ли крај на поделбите?

Единствена Макеоднија со жалење констатира дека продолжува, како што велат, погубната политика на непријателство меѓу водечките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по најновата посета на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

Партијата смета дека наместо меѓусебни обвинувања е потребно домашно единство по прашањата поврзани со националниот карактер и интересите на Македонците. За сите други теми, како што наведуваат, може да се расправа на избори.

Единствена Македонија апелира до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да иницираат усвојување на национален документ, подржана од сите политички партии во државата, во кој ќе бидат утврдени неколку клучни точки од национален интерес, за кои не би се водела политичка расправа. Отстапувањето од овие точки, според нив, треба да се смета за национално предавство.

Партијата додава дека, како политички субјект кој се залага за одбрана на македонските национални интереси, постојано ги става државните приоритети пред личните и партиските интереси, сметајќи дека Републиката треба да биде на прво место.

Во моменти на сериозни предизвици, потребна е сплотеност и единство. Ова не е битка на поединци и лидери, туку борба за државата и опстанок на народот – се наведува во реакцијата.

Партијата заклучува дека доколку државата се соочи со пропаст, последиците ќе ги почувствуваат сите граѓани, порачувајќи дека единството е клучно за одбрана на националните и државните интереси.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
TAGS
Share This