КРИПТОПАЗАРОТ ВО МАКЕДОНИЈА Мал денес, огромни последици утре
Дигитализацијата носи нови можности, но и нови предизвици.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на регионален семинар во Приштина порача дека криптопазарот во земјава засега е мал и не претставува значаен ризик за финансиската стабилност, но дека е неопходна јасна регулаторна рамка усогласена со европските стандарди. Тој додаде дека Народната банка внимателно ги следи глобалните трендови и ги разгледува можностите за евентуално воведување дигитален денар.
Славески учествуваше на Регионалниот семинар „Криптосредства и дигитални пари“ во Приштина, каде гувернери, претставници на централни банки и финансиски експерти од регионот разговараа за предизвиците и можностите што ги носи дигитализацијата на финансискиот систем.
На панел-дискусијата посветена на регулативата за криптосредства и дигитални пари, тој истакна дека брзиот развој на дигиталните форми на пари може да придонесе за поефикасни плаќања и поголема финансиска вклученост, но истовремено отвора прашања поврзани со финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите и спречувањето перење пари.
„Криптопазарот во нашата земја засега е релативно мал и не претставува значаен ризик за финансиската стабилност. Сепак, потребно е воспоставување јасна и современа регулативна рамка, усогласена со европските стандарди“, нагласи Славески.
На семинарот се дискутираше и за влијанието на дигиталните пари врз монетарната политика, со посебен фокус на можните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз малите и отворени економии. Учесниците оценија дека централнобанкарските дигитални валути можат да придонесат за зачувување на монетарниот суверенитет и модернизација на платните системи.
Славески посочи дека Народната банка активно ги следи меѓународните иницијативи во областа на дигиталните средства и, во соработка со меѓународни институции, меѓу кои и Светската банка, ги анализира можностите за воведување дигитален денар и неговите потенцијални ефекти.
Тој заклучи дека криптосредствата и дигиталните пари сè повеќе стануваат составен дел од современиот финансиски систем, но нивниот развој мора да биде проследен со соодветна регулатива, силен надзор и внимателно управување со ризиците.
