ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, среда 3 јуни 2026 година.

Политички преглед на денот, среда 03 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Реципроцитет и исполнување на обврските на Бугарија а не нови отстапки, услови и национални понижувања како што нуди СДС и Филипче
Македонија не смее повеќе да води политика на потчинување и еднострани отстапки кон Бугарија, како што нудат СДС и Венко Филипче.
Билатералните прашања мора да се решаваат врз основа на реципроцитет, меѓусебно почитување и исполнување на обврските од двете страни. Потребен е дијалог а Бугарија да ги исполни своите обврски, Македонија нема да прифаќа нови условувања. Венко Филипче и СДС повторно ја промовираат истата политика на попуштање и сервилност, која со години ги поткопуваше македонските национални позиции. Филипче ги повторува и нуди истите грешки на Заев и Ковачевски кои ја ставија земјата во ќор-сокак.
Венко Филипче сѐ почесто настапува со позиции кои се совпаѓаат со официјалните ставови на Софија, наместо со ставовите и интересите на македонските граѓани. Наместо да бара реципроцитет и почитување на македонските позиции, тој нуди нови отстапки и враќање кон политиките кои граѓаните веќе ги отфрлија. Наместо СДС и Филипче да ги бранат државните интереси, тие се подготвени на нови отстапки без никакви гаранции и резултати за Македонија.
Граѓаните јасно порачаа дека ја поддржуваат европската иднина на државата, но не по цена на нови понижувања, условувања и негирање на националниот идентитет. Европската интеграција не смее да биде процес во кој само Македонија исполнува обврски, додека другата страна останува без одговорност. Националните интереси и идентитет не смеат да бидат предмет на преговори и отстапки.
Времето на еднострани отстапки заврши, време е за реципроцитет. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на европскиот пат, но нема да прифати уцени, диктати и дополнителни барања кои не се дел од европските критериуми. Очекуваме и Бугарија да ги исполни своите обврски, вклучително и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи достоинствено, одговорно и принципиелно да ги брани државните и националните интереси и нема да дозволи евроинтегративниот процес да се претвори во средство за нови уцени кон македонскиот народ и држава.
СДСМ: Кошта ја потврди вистината, уставните измени се единствениот услов за ЕУ
Вчера во посета на државата беше Антонио Кошта, претседателот на Европскиот Совет и јасно и недвосмислено кажа дека уставните измени се единствениот пат да се продолжи со европскиот пат на земјава и како што кажа ништо повеќе. Вистината излезе на виделина,нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови, постојат само уставни измени, се друго е само измислица и само една кампања. Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт со лаги. Ветуваа подобрување на нашата преговарачка позиција, ветуваа менување на преговарачката рамка, гаранции, понатаму уставни измени со одложено дејство. И сега е јасно, така како што укажувавме целиот изминат период – такви гаранции е невозможно да се добијат. Одложено дејство на уставните измени едноставно нема. И тоа беше лага со која што и Христијан и неговата банда ја манипулираа јавноста. И сега кога и самиот Антонио Кошта го потврди она што ние го зборуваме со години наназад, Мицкоски и неговата пропагандна машинерија продолжуваат со лажни вести и да широт лаги.
Ќе јадеме корења, Швајцарија не е во Европска Унија, Европа се распаѓа, Турција не е во Европската унија и веќе неговата позната изјава ни милиметар нема да се поместиме. Додека пола Влада, пратеници, функционери на ВМРО имаат бугарски односно европски пасоши во џебовите, сите други во државата и нивните деца сега треба да чекаат со децении според нив и замислете да јадат корења. Значи сите да јадат корења, а Владата, претставниците на власта со владиниот авион да одат на море. Дали е тоа патриотизам? Не, почитувани граѓани, тоа е само едно големо лицемерие. И тие кампањи преку ботови, скапо платени наративи и агенда практично копирана на нашиот северен сосед е да се спречи внесувањето на малцинствата во Уставот, а со тоа практично да целосно запре европскиот пат на земјава. И не затоа што е загрозен македонскиот идентитет, туку заради тоа што е загрозена нивната криминална власт.
Мицкоски и неговата организирана криминална група не сакаат во Европа затоа што таа носи европско судство, носи европско обвинителство, носи европска контрола, носи крај на телефонските повици на обвинителите и сето тоа носи одговорност. Затоа и се служат со лажен патриотизам. Затоа ова прашање што е пред нас го нарекуваат бугарско прашање, з всушност станува збор за барање од секоја една земја членка на Европската Унија. Треба да се внесат малцинства не само бугарското и хрватското кое што тука живее, а веќе се спомнати други малцинства кои веќе живеат во Македонија. И затоа се форсира тезата дека се преговара со Бугарија, а всушност се преговара со Европска Унија. Ние како државотворна партија, партија која што носела сериозни и тешки одлуки секогаш во историјата, рековме одамна – поддржуваме внесување на малцинствата во Уставот и со тоа да продолжи европскиот пат на земјата. Така граѓаните ќе видат вистински бенефит. Ќе се отворат фондовите, ќе стигнат пари, тие ќе се трошат со сериозна контрола, граѓаните ќе почувствуваат вистинско подобрување на квалитетот на нивниот живот. Младите едноставно тука ќе ја гледаат иднината.
Пред повеќе од една година, 7-ми април лани во Брисел, реков дека ќе поддржиме било какво подобрување нашата преговарачка позиција, иако знаевме дека тоа не е возможно да се случи, затоа што нашиот тим тоа се обидуваше да го направи, меѓутоа тоа не можеше да се случи. Тогаш презедов одговорност да се направат уставните измени и да се отворат преговарачките поглавја со Европската Унија. Нешто што кажав и пред неколку недели, истото вратете ги изјавите – конзистентни сме на своите ставови. Знаеме дека некогаш не се популарни затоа што луѓето сеуште се под влијание на силната пропаганда, на лажната пропаганда на ВМРО, дека има некаков ризик во уставните измени. Пред осум месеци лани во септември понудивме да потпишеме сите партии заедно резолуција за националните црвени линии. Да се сподели со тоа одговорноста за се што ќе се случува во текот на преговорите. Понудивме пред неколку недели да споделиме одговорност и да одиме на референдум. Нека кажат граѓаните што мислат за ова, затоа што не гласаа за оваа блокада на европскиот пат. А за се друго не можеме да дадеме поддршка на оваа криминална власт.
Даваме поддршка на процесот кој што започнува со уставни измени, значи отворање и затворање на поглавјата, како што тоа го поминале сите земји коишто пристапиле во Европската Унија, затоа што се работи за иднината на земјата и за иднината на децата, на младите генерации кои тука живеат и ќе живеат. Пред нас е историска шанса. Долги децении сме ја чекале оваа шанса. Ако ја пропуштиме ќе помине моментумот и ќе се затвори оваа врата која што ја отвара Европската Унија. Ќе останеме надвор од Европската Унија, слепо црево на Балканот во Европа, уште кој знае колку години и децении надвор. А гледаме дека со најавата и изјавата на Христијан Мицкоски дека нема да се поместиме ни чекор и дека сме спремни да чекаме со децении, тој таа изјава ја кажува со некакво чудно задоволство, а таа цена сите нас ќе не чини прескапо. Затоа сме толку гласни и толку настојуваме со ова многу важно прашање за државата, затоа што суштината на политиката е да се обезбеди подобар живот на граѓаните во земјата и подобра и посигурна иднина на државата.
Мицкоски го слушаме изминатиот период, сите граѓани што се за Европска унија ги нарекуваа со разни погрни зборови неколи, талог, медиокритети, коленичари, меко ткиво на општеството и тоа го гледаат сите луѓе тука го гледаат во Европската Унија – човекот што е професор и премиер. Ние не заслужуваме таков човек да ја води Владата. Не може сите луѓе коишто живеат во државава и државата да бидат заложник на ваквите политики. Со Христијан Мицкоски и со ВМРО на чело на земјава. Едноставно нашата земја нема перспектива, едноставно немаме иднина, немаме подобар животен стандард. Едноставно ќе не контролира една организирана криминална група, ќе се организира околу партизираните тендери, ќе ја украде европската иднина во државата. Тој план веќе се спроведува. Бараме референдум веднаш власта да распише. Нивна е одговорноста. Треба граѓаните да кажат кој пат на развој на државата го сакаат, затоа што никој тука не заслужува изолација. Заслужуваме да се интегрираме во Европа каде што секако припаѓаме историски, географски, политички, културно и вредносно. Затоа се потребни реформи и потребна е Европа, час поскоро.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Единствена Македонија до Мицкоски: Не наседнувај на новата измама од Кошта, гаранции во иднина а промена на уставот веднаш
Единствена Македонија остро се спротиставува на политиката на условувања од Европската унија со непримерниот пазар – Бугари во устав во замена за продолжување на пристапните преговори. Според нив, ваквата позиција била потврдена и од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој истакна дека Македонија може да ги продолжи пристапните преговори откако ќе се спроведат уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот.
Истовремено, Кошта посочи дека Европските совет може да разгледа одредени гаранции во однос на идни условувања од страна на Бугарија по промените на Уставот. Од Единствена Македонија сметаат дека ваквите изјави се уште една голема лага на европските бирократи кои постојано ги слушаме во изминатите 30 години и Македонија прифаќаше бројни национални отстапки на своја штета а за возврат останаа само ветувањата од Брисел.
Поради тоа, партијата го повикува премиерот Мицкоски да не наседнува на оваа најнова лага на Кошта и да прифаќа нови условувања и да инсистира на јасни правни и политички гаранции од Европската унија во замена за уставните измени. Тие предупредуваат дека во спротивно, тоа би можело да се смета за уште еден голем национален пораз, имајќи предвид дека пристапниот процес на земјата се состои од шест кластери со 35 поглавја а пристапните преговори уште се во почетна фаза. Според нив, во понатамошните фази ќе се појават нови барања од Бугарија и тоа не било какви туку барања кои засегаат во националниот карактер на Македонците.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
