ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, вторник, 20 јули 2026 година.

Политички преглед на денот, вторник 21 јули 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да каже дали го поддржува ставот на Лимани дека нема морална одговорност за скандалот со водата и да не собира политички поени врз грбот на граѓаните во Гостивар
Филипче со компромитираните кадри околу него, нема кредибилитет да бара одговорност за Гостивар. Венко Филипче собира дневнополитички поени врз грбот на граѓаните на Гостивар, ширејќи шпекулации. Венко Филипче даваше огромна поддршка и мобилизираше луѓе за Валбон Лимани, градоначалник на Гостивар, кој вели дека не чувствува никаква морална одговорност за скандалот со водата.
Дали Венко Филипче го поддржува тој став на Лимани кој без срам и образ вели дека тој не е одговорен за грешките на луѓето кои тој ги има назначено да ги водат општинските претпријатија?
Со ликови со криминално минато и богато полициско досие, како Зоран Трифуновски, СДС нема кредибилитет да морализира за скандалот во Гостивар. Сомнителни ликови со криминално минато, како организацискиот секретар Зоран Трифуновски, се во првите редови во СДС. Особено е несфатливо што Венко Филипче држи лекции за функционирањето на здравствениот систем, имајќи предвид дека како министер за здравство имаше бројни скандали кога десетици илјади луѓе умираа од корона, а тој мислеше само на провизиите од вакцини.
Додека надлежните институции постапуваат, вршат контроли и ја утврдуваат фактичката состојба, Филипче однапред носи пресуди, пласира сценарија за нови епидемии и се обидува да создаде паника кај граѓаните. Наместо политички конструкции и обиди за манипулација, институциите треба да се остават професионално да ја завршат својата работа. Сите наоди и резултати ќе бидат соопштени транспарентно, врз основа на факти и стручни анализи, а не врз основа на политички квалификации.
Здравјето на граѓаните не смее да биде предмет на политички маркетинг на СДС.
СДСМ: Како сега Мицкоски нема „чувство“ кој ја затру водата во Гостивар?
ВМРО-ОКГ сега знае што значат истрага и доверливост на информациите. Ова доаѓа од партија која секојдневно ја користи доверливоста како изговор за да го заштити својот криминал. Кога Мицкоски сака да му се закани на политичкиот противник, тогаш има „чувство“ и јавно наредува истраги од собраниската говорница и преку медиуми.
Кога треба да се утврди одговорност за труењето на граѓаните во Гостивар, тогаш одеднаш нема „чувство“ и сè е „доверливо“ и „во тек на истрага“. Пет дена информацијата за труењето се криеше од јавноста. Пет дена институциите под контрола на ВМРО-ОКГ молчеа и не презмаа ништо. Сега, кога се откри дека се криело, ВМРО се обидува да ја претвори темата во „доверливост на информациите“, наместо да ја превземе одговорноста.
Зошто Обвинителството ги криеше податоците од анализата на водата? Кого штитеше сега? Кој ја затру вода која заврши во водоводот?
Ако ВМРО-ОКГ навистина верува во доверливост и истрага, тогаш нека објасни зошто министерот за здравство и здравствените инспекции молчеа пет дена. Нека објасни зошто резултатите од анализите сè се криеа од граѓаните.
ВМРО-ОКГ има „чувство“ само кога треба да напаѓа. Кога треба да одговара за својата неспособност и прикривање – тогаш одеднаш сè е „истрага“ и „доверливо“. Граѓаните на Гостивар не сакаат изговори. Сакаат одговорност. И таа одговорност не може да се крие зад зборовите „доверливост“ и „истрага“.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Политиката што подалеку од трагедијата во Гостивар – Сега најважно е здравјето на народот
Единствена Македонија апелира да престанат секојдневните политички препукувања меѓу власта и опозицијата во врска со трагичниот случај со загадената вода во Гостивар.
Во овој момент, најважно е животот во Гостивар што поскоро да се врати во нормала, а надлежните институции професионално и непристрасно да ги утврдат сите релевантни околности поврзани со случајот.
Доколку се утврди постоење на кривични дела, истражните и правосудните органи треба да постапат согласно закон, исклучиво врз основа на факти, докази и стручни анализи, а не врз основа на политички квалификации и дневнополитички пресметки.
Политиката треба да остане што подалеку од оваа немила трагедија. Сега најважни се здравјето и безбедноста на граѓаните. Здравјето на луѓето не смее да биде предмет на политички калкулации.
Она што можат да го направат и власта и опозицијата е да предлагаат конкретни мерки и решенија, додека институциите треба да се остават професионално и независно да ја завршат својата работа.
Граѓаните заслужуваат целосна и транспарентна информација за сите наоди и резултати. Вистината мора да се утврди врз основа на факти, докази и стручни анализи, а не врз основа на политички обвинувања и квалификации.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


