ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, недела, 19 јули 2026 година.

Политички преглед на денот, недела 19 јули 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Коалицијата СДС, ДУИ, Таравари го доведе Гостивар до колапс, повикуваме да се расчисти зошто над 1000 граѓани пројавија симптоми на труење?
Неспособноста и аматеризмот на коалицијата на СДС, ДУИ и Арбен Таравари во Гостивар, кои го доведоа градот во колапс, излегоа на површина. Според информациите постои основано сомнение дека здравјето на граѓаните е директно загрозено, затоа што општинските власти поставиле пумпи во отпадни води за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа.
Во изминатите денови над 1000 гостиварски граѓани, меѓу кои и деца со симптоми на труење побарале лекарска помош во болница, а според сомнежите, причина за тоа е загадувањето на питката вода во Гостивар. Ова е вистинското лице на локалната самоуправа во Гостивар, предводена од коалицијата СДС, ДУИ и Таравари, на ваков непрофесионален, аматерски и незаконски начин ги извршуваат работните активности за кои граѓаните ги избрале.
Ваквиот начин на водење на локална самоуправа, кој граѓаните ги остави без елементарно право на чиста и безбедна вода за пиење, е доказ дека СДС, ДУИ и Таравари немаат капацитет да ја водат општината. Во овие неизвесни моменти, ВМРО-ДПМНЕ е заедно со гостиварчани, го осудува овој скандал во Гостивар и изразува загриженост за здравјето и животот на граѓаните.
Граѓаните заслужуваат достоинствени услови за живот и тоа го очекуваат од нивните локални избраници, а не да живеат во страв поради неодговорното владеење на СДС, ДУИ и Таравари. Бараме и очекуваме целосно расветлување на случајот од страна на сите надлежни институции и повикуваме секој кој со своите постапки го загрозил здравјето и го ставил во опасност животот на граѓаните, да одговара согласно закон.
СДСМ: Печатна грешка“ со коњ со пет нозе – Орце и ВМРО-ОКГ ја покажаа својата неспособност
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го нарече срамниот билборд за влезот во Скопје „печатна грешка“. Ова не е печатна грешка. Печатна грешка е кога има грешка во текстот. Ова е графички производ со коњ со пет нозе, мост без крај и храм на Свети Сава од Белград наместо скопски пејсаж. Не е направено од графички дизајнер туку со вештачка интелигенција, без контрола и без елементарна проверка.
Тоа што градоначалникот на главниот град може да изјави дека е „печатна грешка“ зборува за апсолутна неписменост и за тоа колку никој во Град Скопје не контролира ништо што се работи. Ова е уште еден доказ дека ВМРО-ОКГ и неговите кадри работат по моделот на нивната сродна партија од Србија, со иста аматерска и примитивна логика. Нема контрола, нема проверка, нема одговорност.
Градот не функционира од кога Орце е градоначалник. Не може да го реши ѓубрето во главниот град, не може да го реши градскиот превоз а се занимава со промоција преку AI-генерирани билборди. Сега прашуваме:
• Кои фирми учествуваа во изработката на графичкото решение?
• На основа на кои параметри е избрана фирмата?
• Дали е спроведена јавна набавка согласно законот?
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ОКГ покажаа дека не се способни ниту за основни работи во градот. Наместо да се занимаваат со чистење на Скопје и со вистински проекти, произведуваат срамни билборди и потоа се правдаат со „печатни грешки“.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Охрид пред црната листа на УНЕСКО, Единствена Македонија бара конфискација на спорниот хотел на Мијалков
По информациите дека Охридскиот Регион се соочува со сериозна опасност да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО, како и по барањето на Владата за шестгодишен период за исполнување на забелешките за заштита на регионот, Единствена Македонија бара итно и решително преземање конкретни мерки за расчистување на состојбите.
Како партија која се залага за заштита на националните интереси, владеење на правото и еднаков третман пред законите, бараме отворање постапка за конфискација на хотелскиот комплекс на Сашо Мијалков во Охрид.
Според укажувањата на повеќе граѓански организации и активисти од Охрид, спорните градби и урбанистичките интервенции се меѓу причините за загриженоста поврзана со заштитата на Охридскиот Регион. Тие го посочуваат токму хотелскиот комплекс на Сашо Мијалков како еден од најконтроверзните објекти поради градбата вон законските правила и неговото влијание врз заштитеното подрачје.
Единствена Македонија смета дека државата мора да покаже решителност и да докаже дека нема недопирливи поединци, без разлика на нивното политичко или економско влијание.
Конфискацијата на имот за кој ќе се утврди дека е стекнат спротивно на законските прописи не смее да биде условена од политички влијанија, ниту пак зависи од претходни законски измени кои овозможија застарување на дел од кривичните постапки поврзани со одредени лица.
Особено треба да се има предвид дека евентуалното постоење на застареност на конкретни кривични дела не значи автоматски дека не постојат други законски механизми за проверка на потеклото и законитоста на стекнатиот имот. Постапки за конфискација може да се разгледуваат согласно важечките закони и независно од исходот на одредена кривична постапка.
Ја повикуваме Владата, во периодот што го побара од УНЕСКО, да покаже дека има вистинска политичка волја за заштита на Охридскиот Регион и дека интересот на светското наследство е над интересите на поединци.
Најсилна порака до граѓаните и до меѓународната јавност би било државата да започне со расчистување на најспорните случаи како што е случајот со хотелот на Мијаков и да покаже дека законите важат еднакво за сите. Заштитата на Охрид и неговото светско наследство мора да биде над секој личен, бизнис или политички интерес.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


