ФИЛМСКИ СПЕКТАКЛ ЗА КРАЈ ВО СКОПЈЕ Фестивалот се затвора со филм од Кан и доделување награди
26. издание на фестивалот денеска ја завршува програмата во Кино „Фросина“, со доделување на наградите и проекција на филмот „Електричен бакнеж“, кој ја имаше светската премиера на отворањето на Канскиот филмски фестивал.

Со богата програма, филмски проекции и свечено доделување на наградите, денеска завршува 26. издание на Скопје Филм Фестивал (СФФ2026).
Последниот фестивалски ден ќе понуди мастерклас за филмски професионалци, проекција на македонската филмска класика „Чувар на плажата во зимски период“, како и свечена церемонија на затворање во Кино „Фросина“.
Завршната програма започнува во 12 часот во Клуб МКЦ, каде што ќе се одржи третиот фестивалски мастерклас, предводен од Ники Никитин, меѓународен филмски селектор и куратор на СФФ2026.
Темата на мастеркласот е „Фестивалски стратегии: Дистрибуција на филмови и ефикасно користење на фестивалскиот пазар“. Учесниците ќе имаат можност да добијат практични совети и насоки за фестивалската дистрибуција и можностите за промоција на филмските остварувања.
Во 13 часот, во рамките на програмата „А1 Кинотека“, во Кино „Фросина“ ќе биде прикажан филмскиот класик „Чувар на плажата во зимски период“ во режија на Горан Паскаљевиќ.
Централниот настан е закажан за 19 часот во Кино „Фросина“, кога официјално ќе биде затворено 26. издание на Скопје Филм Фестивал. Во рамките на свечената церемонија, стручното жири ќе ги соопшти добитниците на овогодинешните фестивалски награди и признанија.
Фестивалската програма ќе заврши во 19:30 часот со проекцијата на филмот „Електричен бакнеж“ (The Electric Kiss), во режија на Пјер Салвадори. Станува збор за филм кој ја имаше својата светска премиера на отворањето на Канскиот филмски фестивал оваа година, со што ќе биде заокружено уште едно издание на филмската манифестација во Скопје.
Билетите за проекциите се достапни преку продажната мрежа на MK Tickets, а повеќе информации за фестивалот и неговите активности може да се најдат на официјалната веб-страница sff.mk и на фестивалските профили на социјалните мрежи.

