ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, среда, 17 јуни 2026 година.

Политички преглед на денот, среда 17 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Слободата на Македонија била обединувачка алка на револуционерите Делчев, Груев, Сандански
Во период од околу четири децении ВМРО поминала низ три фази на своето револуционерно дејствување и постоење. Првата фаза, од основањето 1893 година до 1905 година била времето на подемот и единството на Организацијата, кога таа во своите редови ги обединила македонските револуционери со различни идеолошки гледишта и ставови кои воопшто не биле доминантни во споредба со идејата за создавање на автономна Македонија. Слободата на Македонија била обединувачката алка за сите револуционери, а авторитетите на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Христо Татарчев биле поттикнувачки фактор за масовноста на ВМРО и нејзиното ширење на целата територија на Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека освен Македонци, во ВМРО се зачленувале и луѓе од други народи кои ја прифатиле идејата на Организацијата за создавање на автономна македонска држава.
Втората фаза во историјатот на ВМРО, од Рилскиот конгрес до завршување на Првата светска војна во 1918 година е период на внатрешни поделби, непријателства, но и дилеми по кој пат да тргне Организацијата. Состојбите се влошувале и заради балканските пропаганди кои се заканувале да дејствуваат погубно врз постоењето на ВМРО. Се создале два спротивставени табори во организационите редови: на едната страна Јане Сандански и Димо Хаџи Димов кои се залагале за децентрализација на ВМРО и постепена преобразба за време на Младотурската револуција во легален политички субјект, а на другата страна Христо Матов и Тодор Александров со своите приврзаници кои барале да се продолжи со оружената револуционерна борба со цврста централизираност во внатрешната поставеност на Организацијата.
И покрај поделбата на две теченија, рече Мицкоски, расправиите и фракционерските борби и создавањето на неколку различни организации и една политичка партија кои произлегле од самата ВМРО, без разлика на полемиките и различните мислења во македонската историографија, останува фактот дека и во тие тешки времиња Организацијата опстанала на историската сцена и под нејзиното име продолжила да дејствува и во времето до завршувањето на Првата светска војна.
Третата фаза на дејствувањето на ВМРО е временски најдолга, од 1919 година до расформирањето на ВМРО на 19 мај 1934 година. Крајот на Првата светска војна и разочарувањето на македонскиот народ од решенијата во Версај, повторно ја воскреснале идејата за создавање на автономна или независна Македонија, а од пепелта на разорните борбени дејствија на македонско тло, комитите и војводите, старите илинденци, но и новите генерации на револуционери повторно го развеале црвено-црното знаме на ВМРО. Под тоа знаме, и за тоа знаме гинеле многу комити и војводи.
СДСМ: СДСМ за Преспанскиот договор: Храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место
Храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место. Од СДСМ потенцираат дека Преспанскиот договор затвори едно крупно, повеќедецениско прашање – спорот за името со Грција и отвори перспектива за државата, безбедноста и економскиот развој.
Преспанскиот договор затвори едно прашање, повеќедецениски спор за името со Грција. Ние сега, од оваа временска дистанца, осум години сме земја членка на НАТО, дел од најмоќниот воен сојуз, нешто што поттикнува и инвеститори да дојдат да инвестираат во земјата, што видовме за време на нашите мандати. За жал, сега оваа власт тоа не го прави, не го практикува, едноставно немаат капацитет да ја водат и економијата како што треба.
Од оваа временска дистанца, со право се поставува вистинското прашање, каде ќе беше Македонија денес ако спорот со Грција беше решен многу порано.
Каде ќе бевме сега ако тој повеќедецениски спор со Грција беше решен на почетокот на 90-тите години? Дали ќе бевме во рангот на една Словенија, а сум прилично сигурен дека ќе бевме. Со сите проблеми со кои што сега се соочуваме, едноставно немаше да треба да се соочуваме. Тоа е само уште еден аргумент во прилог на тоа дека храбрите државнички политики се тие кои што ни требаат. Не ни требаат политичари, кукавици, како што сега седат во Владата, кои што се грижат само за сопствениот интерес.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: 8 години од Преспанскиот договор: Нели е историски? Зошто тогаш молк и нема прослави, прашува Единствена Македонија
Денес, 17 јуни повторно е уште едно потсетување дека пред осум години марионетската влада на Зоран Заев го потпиша т.н. преспански договор. Според ставот на партијата со договорот се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Додека дел од странсите претставници и домашни политичари, меѓу кои и Сиљановска Давкова Гордана, го оценуваат договорот како позитивен и историски значаен за Македонија, од Единствена Македонија посочуваат дека јавноста не го доживува 17 јуни како ден за одбележување.
Од партијата прашуваат зошто, ако овој настан се смета за историски од страна на неговите поддржувачи, во земјата нема официјални манифестации, одбележувања или прослави по повод годишнината.
„Актерите на договорот, и странски и домашни, останаа неми. Во Македонија нема чествување на 17 јуни, денот кој за некои се означува како историски“, велат од Единствена Македонија.
Партијата повторно го потврдува својот став дека Преспанскиот договор е, како што наведуваат, „капитулантски и штетен за Македонија и Македонците“. Од таму додаваат дека, добрата работа е што договорот меѓународно-правно опсервирано е ништовен според три правни основи содржани во Виенската конвенција за правото на договорите.
Единствена Македонија најавува дека, доколку ја добие довербата од граѓаните, ќе преземе чекори за, како што велат, „одземање на важноста“ на Преспанскиот договор.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


