ДЕВЕТ ПРИМЕРОЦИ СТИГНАА ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Само еден бил чист – се проверуваат тендери, пумпи и документација

Обвинителството ги проверува тендерите за хлор, одлуките за спорните пумпи и комуникацијата меѓу институциите, а истрагата може да се прошири и на други лица.

ДЕВЕТ ПРИМЕРОЦИ СТИГНАА ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Само еден бил чист – се проверуваат тендери, пумпи и документација
Фото: Национал

Финансиската документација од Општина Гостивар, тендерите за набавка на хлор, распишани пред јавноста да биде информирана за епидемијата, како и наредбите и комуникацијата меѓу општината и ЈП „Комуналец“ се дел од документацијата ја побарало Основното јавно обвинителство во Гостивар во рамки на истрагата.

Според неофицијални извори на Национал, дел од бараната документација сè уште се очекува, додека други документи веќе се доставени до обвинителството и се предмет на анализа. Ќе се спроведе и финансиско вештачење, а документите од Општина Гостивар ќе се споредуваат и вкрстуваат со документацијата од гостиварскиот водовод, Центарот за јавно здравје Тетово и извештаите доставувани до Институтот за јавно здравје.

До обвинителството, според информациите, пристигнале и резултатите од деветте земени примероци. Од нив, само еден, од една чешма, бил оценет како исправен.

Досега осомничени се три лица – Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, сите на раководни позиции во ЈП „Комуналец“. Тие се наоѓаат во 30-дневен притвор.

Од Основното јавно обвинителство во Гостивар потенцираат дека истрагата може да се прошири и на други лица, доколку во текот на постапката бидат обезбедени докази за нивна евентуална инволвираност.

CATEGORIES
Share This