ДЕНЕС ЗАКЛЕТВА НА НОВАТА УНГАРСКА ВЛАДА – Орбан се прости од власта и еве што порача
Орбан со последно интервју пред заминување порача „Ја извлековме Унгарија од криза“.

Новиот унгарски премиер Петер Маѓар денеска треба да положи заклетва, откако неговата партија Тиса победи на парламентарните избори одржани на 12 април.
Унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан во своето последно интервју порача дека неговата влада успеала да ја извлече земјата од кризата и зад себе остава стабилна економија. Говорејќи за резултатите од првиот квартал, Орбан призна дека е разочаран од изборниот пораз, бидејќи, како што рече, не успеал целосно да ја заврши „работата“ што ја започнал пред 16 години.
Во интервју за Јутуб каналот на Ласло Питингер, Орбан истакна дека неговата визија била создавање „суверена Унгарија“ која ќе биде независна од странски влијанија и економски интереси. Според него, за целосно остварување на таа цел би биле потребни две децении, а дел од проектот сè уште останал незавршен.
Тој нагласи дека зад неговата политика стојат стотици илјади луѓе кои, како што рече, не гласале само според личните финансиски интереси, туку од патриотски убедувања. Орбан изрази надеж дека новата власт нема значително да ја наруши, како што ја нарече, „суверената Унгарија“.
Поранешниот премиер посочи дека е горд на постигнатото во изминатите 16 години и дека нема намера да се дистанцира од резултатите на неговата влада. Тој додаде дека нема проблем со евентуални истраги и проверки за работата на политичарите, нагласувајќи дека уште од 1990 година давал отчет за секоја одлука и секој потрошен форинт.
Орбан се осврна и на изборниот резултат на неговата партија Фидес, оценувајќи дека политиката знае да биде иронична и во 2014 година освоиле двотретинско мнозинство со 2,4 милиони гласови, додека сега не успеале да обезбедат ниту една третина од местата.
И покрај поразот, тој порача дека Фидес ќе остане силен фактор на унгарската политичка сцена и ќе продолжи да дејствува како „врв на копјето“ во партиската политика.
