ЦРВЕНИ КАРТОНИ, ЕУФОРИЈА И ДОМИНАЦИЈА Мексико на стартот на Светското го прегази противникот пред 80.000 навивачи
Јужна Африка натпреварот го заврши со девет играчи по два директни црвени картони.

Мексико со сигурна победа го започна настапот на Светското првенство, совладувајќи ја Јужна Африка со 2:0 пред преполните трибини на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити.
Домашната селекција уште од стартот ја презеде иницијативата и брзо ја материјализираше својата доминација. Во 9. минута, по голема грешка на одбраната на Јужна Африка, Хулијан Кињонес одлично реагираше и ја испрати топката во мрежата за рано водство од 1:0, предизвикувајќи вистинска еуфорија меѓу навивачите.
Проблемите за гостите дополнително се зголемија веднаш по паузата. Ситоле во 49. минута заработи директен црвен картон како последен играч во одбраната, оставајќи ја својата репрезентација со играч помалку. Мексиканците ја искористија бројчаната предност и продолжија со нападите, а наградата стигна во 67. минута кога искусниот Раул Хименез со прецизен удар со глава ја удвои предноста на својот тим.
Секоја надеж за враќање на Јужна Африка згасна во 83. минута, кога и Зване беше исклучен, па африканската селекција остана со само девет фудбалери на теренот. Во финишот и Мексико доби црвен картон, но тоа не влијаеше на конечниот епилог.
Со освоените три бода, Мексико направи одличен старт во групата А и испрати јасна порака дека сериозно ќе се бори за место во нокаут-фазата на Мундијалот.


