САКИПОВ СО СИЛНА ПОРАКА ЗА 5 НОЕМВРИ Ромскиот јазик е нашиот идентитет и гордост

По повод 5 Ноември, Демократската партија на Ромите бара отворање катедра на УКИМ, современи учебници и континуирана настава за ромскиот јазик.

САКИПОВ СО СИЛНА ПОРАКА ЗА 5 НОЕМВРИ Ромскиот јазик е нашиот идентитет и гордост
Фото: Принтскрин

По повод 5 Ноември – Светскиот ден на ромскиот јазик, лидерот на Демократската партија на Ромите Миљазим Сакипов упатува честитки до сите припадници на ромската заедница, со порака дека зачувувањето, негувањето и унапредувањето на ромскиот јазик претставуваат темел на националниот идентитет, културното наследство и историското достоинство на Ромите.

Ромскиот јазик не е само средство за комуникација, туку живо сведоштво за вековната историја, традиција, култура и колективна меморија на ромскиот народ. Неговото зачувување не смее да остане само на ниво на декларативни заложби и пригодни честитки, туку мора да биде преточено во конкретни институционални политики и долгорочна поддршка.

Демократската партија на Ромите смета дека Република Македонија има посебна одговорност и историска можност да биде предводник во заштитата и унапредувањето на ромскиот јазик. Затоа, неопходно е институциите да преземат конкретни чекори за:

  • Отворање катедра за ромски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ.
  • Воспоставување континуирано и квалитетно изучување на ромскиот јазик во основното и средното образование.
  • Обезбедување современи учебници, акредитирани наставни програми и соодветно обучен наставен кадар.
  • Формирање специјализиран институт или центар за проучување, стандардизација и унапредување на ромскиот јазик.
  • Посилна институционална и финансиска поддршка за научните, културните и образовните проекти на ромската заедница.

Особено ја нагласуваме потребата ветувањата за отворање универзитетска катедра за ромски јазик да се реализираат, бидејќи без создавање сопствен образовен и научен кадар нема долгорочна гаранција за развојот и зачувувањето на јазикот.

Сметаме дека вистинската почит кон ромскиот јазик не се покажува само со одбележување на 5 Ноември, туку со создавање услови секое ромско дете да има можност да го изучува својот мајчин јазик, секој наставник да има соодветно образование, а ромската култура и јазично наследство да бидат рамноправно присутни во образовниот и општествениот живот.

Нашата порака е јасна: Ромскиот јазик не смее да биде само дел од минатото и традицијата, туку мора да има сигурна иднина во училиштата, универзитетите и институциите.

Демократската партија на Ромите ќе продолжи да се залага за институционална заштита, афирмација и развој на ромскиот јазик, како неразделен дел од културното богатство и јазичната разновидност на Република Македонија.

CATEGORIES
Share This