ТЕПААТ – СНИМААТ – БЕГААТ Малолетници Албанци во Тетово напаѓаат македонските деца

Нападите се снимаат за ТикТок, а родителите стравуваат да ги пуштат децата сами на улица. МВР регистрирало 12 инциденти, против родители се поведени прекршочни постапки.

ТЕПААТ – СНИМААТ – БЕГААТ Малолетници Албанци во Тетово напаѓаат македонските деца
Фото: Принтскрин

Сериозно загрижувачки случаи на врсничко и меѓуетничко насилство ја вознемируваат јавноста во Тетово. Македонски деца, најчесто на возраст од 11 до 13 години, се пресретнувани и физички напаѓани од групи малолетници, кои потоа ги снимаат нападите и ги објавуваат на ТикТок во специјални групи.

Според сведоштвата на родителите, нападите се случуваат најчесто за време на големите одмори и попладне. Напаѓачите доаѓаат пеш или со електрични тротинети, избираат едно дете од групата, го тепаат, му ги соблекуваат јакните за да проверат дали носи навивачки обележја, а целата сцена ја снимаат со мобилни телефони.

Еден од случаите го објави Дарко Гавриловски, чиј 11-годишен син бил нападнат на 22 октомври во центарот на Тетово, додека со другар одел на тренинг. Според неговото сведоштво, пет малолетници ги пресретнале двете деца, ги фатиле за врат и се обиделе да им ги соблечат јакните за да проверат дали се „Војводи“. Еден од напаѓачите го снимал инцидентот за објавување на ТикТок.

Родителите сведочат и за психолошките последици врз децата, кои по нападите се исплашени и вознемирени, а некои од нив и понатаму имаат проблеми со спиењето. Во еден од случаите, нападнато било и девојче кое било принудено пред камера да изговори дека е „балистка“.

Од МВР информираат дека во текот на 2026 година се пријавени 12 случаи на нарушување на јавниот ред и мир и други инциденти меѓу малолетници од различни етнички заедници.

Пет случаи се расчистени, при што против родителите или старателите на децата под 14 години се поведени прекршочни постапки. Дополнително, расчистени се три кривични дела, за две веќе се поднесени кривични пријави до ОЈО Тетово, додека последното е во фаза на комплетирање.

Последните четири случаи се во активна истрага. Полицијата тврди дека секоја пријава се обработува, се прегледуваат видеоснимките, вклучително и оние од социјалните мрежи, и се преземаат мерки за спречување нови инциденти.

Тимот за правда на децата при Центарот за социјални работи Тетово работи со децата-жртви, малолетните сторители и нивните родители. Од Центарот оценуваат дека зад нападите нема директна политичка позадина, туку влијание од навивачка еуфорија, проблематични врсници и копирање на насилничкото однесување.

Според стручните лица, сериозен пропуст има и кај училиштата, чии стручни служби не реагирале навреме на провокациите, закачките и девијантното однесување што се случувале дури и за време на училишните одмори.

Родителите, пак, бараат засилено полициско присуство низ Тетово и поефикасно откривање и санкционирање на напаѓачите.

Од СВР Тетово апелираат секој сомнителен или насилен настан веднаш да биде пријавен во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.

CATEGORIES
Share This