БРВЕНИЦА ЈА РАЗНИША ВЛАДЕЈАЧКАТА КОАЛИЦИЈА Вреди под сомнеж, ДУИ со спектакуларен пресврт
Аркин Јахији направи голем пресврт и победи со 265 гласа разлика, и покрај силната владина кампања и присуството на целиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ го претрпе првиот изборен пораз по подолг период, откако кандидатот на партијата за градоначалник на Брвеница, Стојанчо Радичевски, загуби во вториот круг од Аркин Јахији, кандидат на Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ.
Победата на Јахији беше тесна, но доволна за голем политички пресврт. За него гласале 4.442 избирачи, додека Радичевски добил 4.177 гласови. Разликата изнесува 265 гласа, а освоените проценти се 50,36 наспроти 47,36.
Особено впечатлива беше излезноста, која достигна рекордни 53 проценти до 18:30 часот. Тоа е значително повеќе од првиот круг, кога во истиот период излезноста изнесуваше 44,5 проценти.
Резултатите од првиот круг навестуваа предност за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш Радичевски освои 2.945 гласови, а Јахији 2.152. Но во вториот круг се случи сериозна промена. Кандидатот на ДУИ успеа да ја удвои поддршката, додека Радичевски го зголеми бројот на гласови за приближно 50 проценти.
Во текот на вечерта, додека ДИК ги објавуваше резултатите, првичната слика изгледаше сосема поинаку. Гласачките места од деловите на општината каде што претежно живее македонско население, меѓу кои и големото село Брвеница, му донесоа значителна предност на Радичевски. Во еден момент таа достигна и околу 2.500 гласа.
Меѓутоа, со пристигнувањето на резултатите од избирачките места во населените места со доминантно албанско население, особено од Челопек, разликата почна забрзано да се намалува. На крајот, предноста на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се стопи, а победата му припадна на Јахији.
Владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложи значителни политички и организациски ресурси во кампањата за вториот круг. Во петокот, на завршниот митинг во Брвеница, заедно со премиерот Христијан Мицкоски пристигнаа речиси сите клучни делови од владината и партиската структура, вклучително и функционери на коалициските партнери.
Сепак, силната кампања и присуството на највисоките партиски и владини претставници не беа доволни за да се обезбеди победа. Изборниот исход покажа дека мобилизацијата на гласачкото тело на албанските партии била пресудна. Иако тоа не беше особено видливо во македонскиот дел од јавноста, ДУИ, Алијансата за Албанците, а според конечниот резултат веројатно и делови од коалицијата Вреди, очигледно вложиле сериозни напори за зголемување на излезноста.
Брвеница е општина со изразен иселенички карактер, особено во населените места со албанско население. Дел од иселениците се вратиле за да гласаат, додека дел од оние што не излегле во првиот круг овојпат се појавиле на избирачките места.
Уште пред ДИК да ги објави конечните резултати од сите избирачки места, кога Радичевски сè уште имаше убедливо водство во првичните податоци, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, излезе со признание дека партијата ги загубила изборите. Притоа, тој упати обвинувања дека голем број луѓе кои не живеат во државата биле донесени за да гласаат за кандидатот на ДУИ.
„Би сакал да им честитам на противниците кои остварија победа во овој изборен циклус. Некогаш против бројките не се може. Успеаја да донесат доволно луѓе однадвор кои не живеат тука, туку надвор од државата, но гласаа за ДУИ“, изјави Ковачки.
Претходно, веднаш по затворањето на избирачките места, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, која доаѓа од Гостивар, во гостувањето на телевизија Сител упати сериозни обвинувања кон коалицискиот партнер Вреди. Таа го нарече Вреди „Тројански коњ“ во изборната битка во Брвеница, обвинувајќи го дека застанал зад кандидатот на ДУИ, наместо зад кандидатот на владејачката коалиција, Стојанчо Радичевски.
Овојпат изостана брза реакција од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се наоѓа во посета на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Наместо него, со прес-конференција се обрати партискиот портпарол Валентин Манасиевски. Тој ги обвини политичките противници дека ја користеле националната припадност за мобилизација на гласачите, наместо да се натпреваруваат со програми, визии и проекти.
Манасиевски отиде и чекор понатаму од Стојаноска, обвинувајќи дека и СДСМ и Левица биле „Тројански коњ“ во корист на ДУИ, со цел да се потрошат гласовите на македонското гласачко тело.
Неколку часа подоцна се огласи и Мицкоски преку Фејсбук, оценувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница се соочила со сите политички противници. „Сами против сите“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека партијата во вториот круг освоила 1.300 гласови повеќе отколку на парламентарните избори во 2024 година.
Радичевски доби 4.177 гласа, наспроти 2.835 што ги освои ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори.
Но споредбата со резултатот на ДУИ е уште повпечатлива. На парламентарните избори во 2024 година, кога настапуваше како дел од Европскиот фронт, коалицијата освои само 1.570 гласови во Брвеница. Сега кандидатот на ДУИ доби 4.442 гласа.
Токму овој раст ја покажува димензијата на изборниот пресврт во Брвеница. ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја зголеми својата поддршка, но ДУИ направи многу поголем мобилизациски скок и ја презеде градоначалничката функција.
Поразот во Брвеница отвора и пошироки политички прашања за односите во владејачката коалиција, мобилизацијата на албанскиот политички блок и способноста на ВМРО-ДПМНЕ да ја задржи поддршката во општините со мешан етнички состав.

