ТЕЖОК ИНЦИДЕНТ ПРЕД „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ Навивач удрил дете во глава, доби 30 дена притвор
Со повреда на главата бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20-годишник осомничен за насилство за време на инцидент меѓу навивачки групи пред спортскиот центар „Јане Сандански“. Кривичниот суд го прифати предлогот на обвинителството и му определи 30-дневен притвор.
Според наводите на Обвинителството, за време на конфликтот пред влезот на спортскиот центар, осомничениот физички нападнал малолетник од спротивната навивачка група, удирајќи го во главата.
Од ударот детето се онесвестило и паднало на земја. Со контузија на главата било итно пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Јавниот обвинител побарал осомничениот да биде задржан во притвор поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците кои треба да бидат сослушани во постапката, како и опасност од повторување на кривичното дело.
Кривичниот суд го прифатил предлогот и определил мерка притвор во траење од 30 дена.
Против 20-годишникот се води постапка за кривичното дело „Насилство“, согласно член 386 став 6 во врска со ставовите 4 и 1 од Кривичниот законик.
Истрагата се однесува на инцидентот меѓу навивачките групи пред спортскиот центар „Јане Сандански“, за кој МВР претходно поднесе кривична пријава и приведе три лица.

