БОСНА ГЛАСА СО НОВА ТЕХНОЛОГИЈА Но изборниот ден почна со проблеми
Прст наместо лична карта и скенери за ливчињата – дел од избирачките места доцнеа поради дефекти.

Во Босна и Херцеговина денеска се одржуваат општите избори, на кои за првпат гласањето се спроведува со биометрска идентификација на гласачите и скенирање на гласачките ливчиња. Отворени се 5.569 избирачки места, а право на глас имаат повеќе од 3,4 милиони избирачи.
На повеќето места гласањето започнало навреме, но на дел од избирачките места имало доцнења поради проблеми со новата опрема. Во Добој бил одложен стартот на 30 избирачки места, додека од МВР на Република Српска соопштиле дека доцнења имало на 201 место.
Во Сараево, пак, новиот систем функционирал без поголеми проблеми. Гласачите се идентификуваат со отпечаток од прст, а гласачките ливчиња се скенираат, со што целиот процес трае неколку минути.
„Ова е нов процес и за гласачите и за изборната администрација. Денес тестираме нешто што ќе биде иднината на изборниот процес“, изјави членката на ЦИК Ирена Хаџиабдиќ.
ЦИК најави дека првите прелиминарни резултати од електронските скенери се очекуваат околу 20 часот.

