СЛЕП ЧОВЕК ГО ПРАЌАЛЕ НА КОНТРОЛА Лекарите утврдиле дека состојбата му е трајна

Му ја намалиле помошта и негата, а Комисијата утврди директна дискриминација.

СЛЕП ЧОВЕК ГО ПРАЌАЛЕ НА КОНТРОЛА Лекарите утврдиле дека состојбата му е трајна
Фото: Принтскрин

Целосно слепо лице, чија здравствена состојба е утврдена како трајна и непроменлива, повторно било испратено на контролен преглед, а истовремено му бил намален и обемот на правото на помош и нега од друго лице.

Случајот го разгледала Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која утврдила директна дискриминација врз основа на попреченост од страна на стручна комисија при јавна здравствена установа.

Лицето од 2018 година го користело правото на помош и нега во поголем обем. На контролниот преглед на 27 јануари 2026 година, меѓутоа, било утврдено дека има потреба од помош во помал обем, а му бил закажан и нов контролен преглед по 12 месеци.

Во постапката било констатирано дека медицинската документација не покажува никакво подобрување или промена на здравствената состојба што би го оправдало намалувањето на правото. Дијагнозата за слепило на двете очи е опфатена со состојби за кои е предвидена трајна потреба од помош и нега во поголем обем.

Комисијата оценила дека стручната комисија не дала објективно и оправдано образложение ниту за намалувањето на помошта, ниту за повторното упатување на контролен преглед.

Затоа е препорачано да се изврши нова процена, при што да се земат предвид законските права на целосно слепото лице, како и да се преиспита потребата од нови контролни прегледи кога состојбата е трајна и непроменлива.

За спроведување на препораките е определен рок од 30 дена, а доколку не бидат исполнети, Комисијата може да побара поведување прекршочна постапка.

CATEGORIES
Share This