007 МАКЕДОНИЈА: СЕДМИ МЕЧ БЕЗ ГОЛ, ТРЕТ ПОРАЗ – А кучето беше најголем хит во Скопје (видео)

Трет натпревар, трет пораз, 0:7 гол-разлика и седми меч без постигнат погодок за Македонија.

007 МАКЕДОНИЈА: СЕДМИ МЕЧ БЕЗ ГОЛ, ТРЕТ ПОРАЗ – А кучето беше најголем хит во Скопје (видео)
Фото: Принтскрин

Македонската фудбалска репрезентација претрпе нов пораз во Лигата на нации, откако на Арената „Тодор Проески“ во Скопје загуби од Шкотска со 0:2. За Македонија ова беше трет пораз во исто толку натпревари во групата Б1, без постигнат гол и со гол-разлика 0:7.

Шкотите поведоа во 7. минута преку Киран Боуви, а Џон Мекгин од пенал во 69. минута го постави конечниот резултат. Македонија беше надиграна во најголемиот дел од натпреварот, а Столе Димитриевски со повеќе одбрани спречи поразот да биде уште поубедлив.

Селекторот Гоце Седлоски уште во 31. минута направи две измени, откако Станковски и Херера беа повлечени од игра. По црвениот картон на Скот Мекена во 83. минута, Македонија имаше играч повеќе, но ниту тоа не помогна да се избегне поразот.

Посебно лоша е серијата во нападот. Македонија седми натпревар по ред не успева да постигне гол, додека под водство на Седлоски резултатите остануваат без победа.

Седлоски по натпреварот призна дека Шкотска била подобра, побрза и поагресивна, но порача дека нема да се откаже и дека тимот мора да учи од ваквите натпревари.

Од друга страна, шкотскиот селектор Себастијан Покоњоли беше задоволен од победата, но призна дека неговата селекција создала доволно шанси за да постигне и повеќе голови. Шкотска до триумфот дојде и покрај тоа што последните минути ги одигра со десетмина.

На трибините, пак, впечаток оставија повеќе од 3.000 шкотски навивачи, додека домашната публика со свирежи ги испрати македонските репрезентативци. А за момент најголемата атракција на „Тодор Проески“ беше кучето кое влета на теренот и го прекина натпреварот – сцена која брзо стана хит на социјалните мрежи.

Македонија останува на дното од групата без освоен бод, а следниот натпревар го игра на 6 октомври на гости против Швајцарија.

 

CATEGORIES
TAGS
Share This