ОД ПРЕТСЕДАТЕЛ ДО ПРАТЕНИК СО ОПОМЕНА Вучиќ се судри со новиот шеф на српскиот парламент
Бурен почеток на новото парламентарно мнозинство во Србија – Вучиќ се најде во ситуација да добива опомени од собранискиот спикер, а неговите најблиски соработници станаа од пратеничките клупи и влегоа во расправија со претседателот на Собранието.

Во српското Народно собрание вчера се случи жесток инцидент за време на првата седница под водство на новиот претседател Александар Чупиќ. Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, кој по политичките промени во земјата сега е во пратеничките клупи како шеф на пратеничката група „Србија Побеѓује“, доби опомена по остра вербална пресметка со новиот собраниски претседател.
Расправаијата не застана тука. Во конфликтот се вклучија и поранешната претседателка на Собранието Ана Брнабиќ и пратеникот Миленко Јованов, кои исто така добија опомени, по што Чупиќ беше принуден да ја прекине седницата и да даде десетминутна пауза.
Инцидентот се случи за време на расправата за избор на потпретседатели на Собранието. Вучиќ побара збор и остро го критикуваше начинот на кој Чупиќ ја води седницата, обвинувајќи го дека не бил повикан на консултациите за кандидатите за потпретседателски места. Тој го обвини новиот претседател дека лаже и му забележа дека го прекинува и му го ограничува правото на говор.
Чупиќ неколкупати го предупреди Вучиќ да се држи до точката од дневниот ред, но поранешниот претседател продолжи со критиките. Во еден момент, Вучиќ се осврна и на образованието и јавниот настап на Чупиќ, забележувајќи дека тој не завршил право или политички науки и дека не е ниту „пустиник“, како што претходно бил претставуван.
Поради непочитување на деловникот и оддалечување од темата, Чупиќ му издаде опомена. Тоа предизвика бурна реакција кај пратениците од групата на Вучиќ, кои станаа од своите места и почнаа да протестираат.
Тензиите дополнително ескалираа кога Ана Брнабиќ и Миленко Јованов се упатија кон масата на претседателот на Собранието и влегоа во вербална расправија со него. Чупиќ ги предупреди и нив, изрекувајќи им опомени затоа што му пристапиле без покана.
Вучиќ потоа провери дали и неговите блиски соработници добиле опомени. Откако доби потврден одговор, ги повика пратениците од својата група да се соберат околу него. Во обид да ги смири страстите, претседателот на Собранието нареди десетминутна пауза.
Според извештаите од седницата, претходно опомени добиле и пратениците Самир Тандир и Милош Стојковиќ, што покажува дека расправиите го одбележале поголемиот дел од парламентарната дебата.
Инцидентот се случува во период на значајни политички промени во Србија. Александар Чупиќ, кандидат на Студентската листа, која освои мнозинство по вонредните парламентарни избори на 25 октомври, беше избран за нов претседател на Народното собрание. Чупиќ доби поддршка од 140 пратеници, додека 97 гласале за неговиот противкандидат Стојан Раденовиќ. Со тоа дојде до промена на парламентарното мнозинство и досегашната политичка рамнотежа, во која со години доминираше Српската напредна партија (СНС).
Расправијата околу изборот на потпретседателите беше уште една потврда за затегнатите односи меѓу новото парламентарно мнозинство и пратениците собрани околу Вучиќ. Особено впечатлива беше сцената во која поранешниот српски претседател, кој со години беше најмоќната политичка фигура во земјата, добива опомена од новиот собраниски претседател, додека неговите најблиски соработници стануваат од пратеничките клупи и влегуваат во директен конфликт со претседавачот.
Новата парламентарна реалност во Србија очигледно носи и нови односи на моќ – Вучиќ веќе не е тој што ги контролира случувањата во Собранието.

