БОЈКОВСКИ ПРИЗНА ТРИ УБИСТВА На судење за четири ликвидации кажа дека стои и зад два обиди

Обвинетиот за четири убиства во Кумановско со кратки одговори призна три дела, но бил конфузен кога требало да посочи кои жртви ги убил..

БОЈКОВСКИ ПРИЗНА ТРИ УБИСТВА На судење за четири ликвидации кажа дека стои и зад два обиди
Фото: Принтскрин

Обвинетиот Трајко Бојковски, кој се товари за четири убиства и два обиди за убиство во Кумановско, на денешното рочиште во Основниот суд Куманово призна дека извршил три убиства и дека стои зад двата обиди за убиство. Бојковски, кој на претходните рочишта не ја признаваше вината, пред судот повеќепати одговарал со кратки „да“ и „не“. Меѓутоа, при прашањата на обвинителот Љубомир Лапе, според известувањата од судницата, давал конфузни одговори кога требало конкретно да посочи кои жртви ги убил.

На почетокот на рочиштето сведочеше вештото лице проф. д-р Стојан Бајрактаров, специјалист психијатар и форензички психијатар, кој го презентираше стручниот наод за состојбата на обвинетиот. Според Бајрактаров, Бојковски го разбира македонскиот јазик и нема потреба од толкувач, но има ограничен фонд на зборови, поради што најчесто дава кратки одговори.

Вештакот навел и дека станува збор за лице со ограничени интелектуални капацитети, на границата меѓу лесна и нормална интелектуална способност. Сепак, во текот на разговорот обвинетиот можел да даде и подетални описи на одредени настани.

Бојковски пред судот повеќепати повторувал дека убил „три баби“, но не бил прецизен кога бил прашан за конкретните имиња на жртвите. Тој како мотив ги навел парите, додека ги отфрлил наводите на Обвинителството дека делата биле поврзани со сексуални и некрофилски нагони. Обвинителството, пак, го товари дека делата ги извршувал од ниски побуди и со намера да задоволува сексуални нагони врз телата на жртвите.

Според обвинението, Бојковски се товари за четири убиства извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година, во Клечовце, Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек. Најголем дел од жртвите биле повозрасни жени кои живееле сами. Тој е обвинет и за два обиди за убиство во Челопек, а двете жени кои ги преживеале нападите веќе сведочеле пред судот.

Обвинителот Љубомир Лапе посочи дека Бојковски има право сам да го избере начинот на кој ќе се брани, но нагласи дека во текот на истрагата пред јавен обвинител ги признал делата за кои сега се товари. Според обвинителството, на денешното рочиште тој не можел јасно да прецизира кое од четирите убиства го негира, а на повеќе вкрстени прашања одговарал потврдно. Обвинителството тврди дека располага и со други материјални докази кои го поткрепуваат обвинението.

Случајот бил откриен откако кај дел од починатите жени се појавиле сомнежи дека не починале од природна смрт. За дел од нив биле извршени и ексхумации, бидејќи претходно биле погребани како лица починати од природни причини. Поради пропусти при утврдувањето на причините за смртта на дел од жртвите, против двајца од Кумановско е поднесена кривична пријава, а предметот е преземен од скопското обвинителство.

За делата за кои Бојковски е обвинет, согласно Кривичниот законик, може да биде изречена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор. Завршните зборови во судскиот процес се закажани за 6 октомври, по што треба да следува пресудата.

(ВИДЕО) ОБВИНЕТИОТ ЗА ЧЕТИРИ УБИСТВА НЕ СЕ ИЗЈАСНИ Судењето во Куманово одложено

CATEGORIES
Share This