13-ГОДИШЕН СОПРАН ЌЕ ГО ОСВОИ СКОПЈЕ Македонската филхармонија ја отвора новата сезона

„Симфониски бранови“ носи несекојдневна музичка вечер - Алексис Изар Гордон ќе настапи како солист, под диригентската палка на неговиот татко Александар Гордон.

13-ГОДИШЕН СОПРАН ЌЕ ГО ОСВОИ СКОПЈЕ Македонската филхармонија ја отвора новата сезона
Фото: Принтскрин

Македонската филхармонија во четврток, со почеток во 20 часот, ја отвора новата концертна сезона „Филхармонија: On Air“ со концертот „Симфониски бранови“.

Како солист ќе настапи 13-годишниот сопран Алексис Изар Гордон, член на Оперското училиште на Виенската државна опера, додека со оркестарот ќе диригира неговиот татко, маестро Александар Гордон.

На програмата се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонијата бр. 4 во ге-дур од Густав Малер.

МЛАДИОТ СОПРАН СО ИМПРЕСИВНА КАРИЕРА

И покрај тоа што има само 13 години, Алексис Изар Гордон веќе има настапувано на големи светски сцени.

Член е на Оперското училиште на Виенската државна опера, каде што се образува од својата осма година, а има настапувано во продукции како „Кармен“, „Пиковата дама“, „Отело“, „Боеми“, „Жената без сенка“ и „Возек“.

Настапувал и со Виенската филхармонија, а на само десетгодишна возраст дебитирал во Стокхолм како сопрански солист во Четвртата симфонија на Малер, под диригентство на својот татко.

НАСТАПУВАЛ СО ВИЕНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

На 12-годишна возраст го извел солистичкиот дел во „Chichester Psalms“ од Леонард Бернштајн со Виенската филхармонија и хорот „Арнолд Шенберг“.

Работел со истакнати музичари како Јука-Пека Сарасте и Пека Куусисто, а негови ментори се сопранистката Красимира Стојанова и диригентот Џими Чианг.

Покрај пеењето, Алексис изучува пијано, кларинет, виолина и виола, а покажува особен интерес и кон математиката и природните науки.

МАЕСТРО ГОРДОН СО БОГАТА МЕЃУНАРОДНА КАРИЕРА

Неговиот татко, Александар Гордон, зад себе има долгогодишна кариера како виолист, но и сериозна меѓународна кариера како диригент.

Дебитирал како диригент во Финска во 2014 година, а подоцна диригирал со оркестри во Европа и Азија, вклучително и со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио, Камерниот оркестар на Манхајм, ОZM Дортмунд и Симфонискиот оркестар на Лиаонинг во Кина.

Во 2021 година го имал и својот дебитантски настап како диригент на Лондонската филхармонија, на турнеја во Мадрид и Барселона.

ШУБЕРТ И МАЛЕР ЗА ОТВОРАЊЕ НА СЕЗОНАТА

Концертот „Симфониски бранови“ ќе ја означи првата концертна вечер од новата сезона на Македонската филхармонија, со спој на Шубертовата „Аве Марија“ и една од најпознатите симфонии на Малер.

Настапот на младиот Алексис Изар Гордон, под диригентската палка на неговиот татко, ќе биде еден од главните моменти на концертната вечер.

CATEGORIES
Share This