БИТОЛА ВЕЧЕРВА Е ФИЛМСКАТА СЦЕНА НА МАКЕДОНИЈА „Браќа Манаки“ се затвора со македонска премиера што се чекаше 11 години
Срѓан Јаниќијевиќ со „Нема да ви се верува што се случи претходно“ го затвора 47. издание на фестивалот.

Македонската премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ ќе се одржи вечерва во Битола, во рамки на затворањето на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Режисерот Срѓан Јаниќијевиќ истакна дека за него оваа премиера има посебно значење, бидејќи токму во Битола ја добил веста дека филмот ќе биде финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
„Многу ми е драго што македонската премиера на филмот се случува токму овде во Битола, на фестивалот ‘Браќа Манаки’. Кога дознав дека сме добиле средства за снимање од Агенцијата за филм, јас бев во Битола. И сега имаме премиера во Битола. Драго ми е што првата информација ја добив во овој град, кој мене ми е многу драг, а сега со премиера на мојот филм повторно доаѓам тука“, рече Јаниќијевиќ.
Идејата за филмот постои уште од 2015 година, а на сценариото Јаниќијевиќ работел заедно со Сашо Коколанов и Дејан Дуковски. Кинематографер на филмот е Дејан Димески.
Димески посочи дека на фестивалот „Браќа Манаки“ доаѓа веќе 34 пати и дека особено му е драго што овојпат се враќа со филм.
„Досега со Срѓан сме соработувале, но ова е првпат на филм. Јас секогаш прво го читам сценариото, а потоа согледувам колку драматуршки камерата може да биде составен дел од филмот и да го почувствувам неговиот сензибилитет. Срѓан многу ми помогна, бидејќи секогаш има неконвенционален пристап кон нештата, а тоа се гледа и во овој филм“, рече Димески.
Тој откри и детали за специфичниот пристап кон осветлувањето, вклучително и еден трик кој првпат го применил, а бил предложен од режисерот.
Снимањето во голем дел се одвивало од рака, со објективи кои овозможиле камерата да биде поблиску до актерите, без да им пречи во играта. Филмот бил сниман околу 20 дена, претежно во ноќни услови, на обиколницата во Скопје, на Водно, во градот, во Кучково и на други локации, во период со исклучително високи температури.
Македонска екипа и меѓународна соработка
На денешната прес-конференција говореше и продуцентот Дарко Попов, чиј филм „Мајка вештерка“ беше прикажан вчера во специјалната селекција.
Попов истакна дека на филмот работела македонска екипа, составена од асистент на камера, гафер, дизајнер на маска и други професионалци, кои успешно соработувале со меѓународниот тим.
„Делиме и заеднички сензибилитет кон митовите на целиот овој регион, што всушност е и темата на филмот. Кога влеговме во финансирање, сметавме дека филмот ќе може да се прикажува во овие држави“, рече Попов.
„Само убави нешта за гледање“ отвора важна тема
Кинематограферот Јурај Хлпик говореше за филмот „Само убави нешта за гледање“, прикажан во селекцијата на Јадранската мрежа.
Тој истакна дека режисерот Иван Остроховски има специфичен начин на работа и претпочита помала екипа и поинаков пристап од класичниот начин на снимање.
Хлпик посочи дека филмот ја обработува темата на присилната стерилизација на жените Ромки, проблем за кој, според него, долго време не се говорело доволно.
„Многу често го вртиме погледот од неубавите работи и затоа сакавме пореалистично да прикажеме што се случува“, рече Хлпик.
„Кракатао“ – сликата како алатка за пренесување чувство
Од документарната програма на прес-конференцијата говореше режисерот Карлос Касас, автор на филмот „Кракатао“, заедно со колористот на филмот.
Касас објасни дека целта била преку филмскиот јазик да се прикаже големата ерупција и последиците што ги предизвикува.
„Моја задача е тоа чувство да му го пренесам на гледачот. Сликата е алатка за да се извлече тоа чувство, па затоа е многу важна соработката со кинематограферот и колористот, но и со звукот и музиката, кои имаат голема улога во пренесувањето на приказната“, рече Касас.
Боите и темнината во „Лавот на мојот грб“
Во рамки на официјалната селекција „Камера 300“ беше претставен и филмот „Лавот на мојот грб“, за кој говореа режисерката Тониа Мишиали и кинематограферот Ману Тилински.
Тилински посочи дека пристапот кон визуелниот јазик произлегол уште од читањето на сценариото.
„Додека го читам сценариото, наоѓам неколку клучни ситуации и потоа врз основа на нив го снимаме филмот. Во Кипар е светло, но тоа требаше да го избалансираме со темнината на темата. Бојата е клучен фактор, бидејќи снимавме во екстериери кои се монохроматски, но моравме да додаваме боја за да ја доловиме приказната“, рече тој.
Режисерката Мишиали откри дека филмот е лична приказна и дека за неа било важно таа да биде раскажана.
„Во времето кога го пишував сценариото, ќерка ми беше тинејџерка и сакав да раскажам приказна која беше релевантна. Долго време баравме непрофесионална актерка за филмот, но непосредно пред снимањето таа мораше да замине, па најдовме професионална актерка“, рече Мишиали.
Таа сподели и дека самата е мигрантка, поради што темата за миграцијата ѝ е особено блиска.
Краткометражната програма со силни и тешки теми
Од краткометражната програма говореше Хулијан Амару, кинематографер на филмот „Таму на небото“. Тој раскажа за снимањето на филмот во кој главно настапуваат деца и млади со деликатни животни приказни.
За потребите на филмот, екипата барала и млада мајка која го дои своето дете, а самата е тинејџерка, како и 15-16-годишно момче кое во приказната се грижи за мало дете кое е негов син.
Филмот „Очите на Берна“ се занимава со сексуалното насилство врз жените и поставува прашање што би се случило доколку жртвите ја земат правдата во свои раце и започнат да се одмаздуваат.
За филмот говореше режисерот Ермал Гердовци, кој истакна дека идејата постоела подолго време и дека е особено задоволен што филмот е прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“.
Со македонската премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“ вечерва ќе биде затворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

