АКТО ГО ОСВОЈУВА СКОПЈЕ Пет дена современа уметност, перформанси, музика и изложби

Од 30 септември до 4 октомври, 21. издание на фестивалот носи богата програма на повеќе локации низ Скопје.

АКТО ГО ОСВОЈУВА СКОПЈЕ Пет дена современа уметност, перформанси, музика и изложби
Фото: Принтскрин

Од 30 септември до 4 октомври 2026 година во Скопје ќе се одржи 21. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на платформата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).

Под мотото „Ајде да поминиме време заедно!“, годинашната програма носи повеќе различни содржини – перформативни уметности, предавања, едукативни работилници, изложби и музичка програма.

Фестивалските настани ќе се одржуваат во киното и дворот на Железничката зграда на улица „Борка Талевски“ бр. 26, во Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет при УКИМ и во галеријата Сули-ан при Факултетот за ликовни уметности.

Перформативен [радио] есеј за отворањето

Свеченото отворање на АКТО ќе се одржи на 30 септември во киното на Железничката зграда, каде што ќе биде изведен перформативниот [радио] есеј „Железничарот на крајот на светот“.

Од 1 до 3 октомври на истата локација ќе се одвива едукативно-работниот процес „Лабораторија за перформативно-просторни практики: Градот како сцена“.

Гостување на професорот Радивоје Динуловиќ

Годинашното издание на АКТО носи и гостување на реномираниот архитект, сценограф и водечки теоретичар во областа на сценската архитектура и дизајн, професор Радивоје Динуловиќ од SCEN, Нови Сад.

Динуловиќ на 1 октомври ќе одржи јавно предавање во Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет при УКИМ.

Дваесетта изложба на финалистите на наградата ДЕНЕС

Во рамки на фестивалот, на 2 октомври во галеријата Сули-ан ќе биде отворена традиционалната, дваесетта изложба на финалистите на престижната награда ДЕНЕС 2026.

Наградата е наменета за млад/а визуел(е)н/а уметник/чка до 35 години.

„Бистро на еден ден“ за завршница

Програмата на 21. АКТО ќе заврши на 4 октомври со целодневниот настан „Бистро на еден ден“, кој ќе се одржи во дворот на Железничката зграда.

Настанот е замислен како интервенција во јавен простор и ќе понуди детска ликовна работилница, музичка програма, перформативно готвење, како и претставување на локални креативни иницијативи и издавачи.

Проектот „21. АКТО фестивал за современи уметности“ е поддржан од ГЕТЕ институт Скопје и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, како и преку проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд.

Настанот „XX ДЕНЕС награда 2026“ е финансиски поддржан од Trust For Mutual Understanding од Њујорк.

CATEGORIES
Share This