АРХЕОЛОЗИТЕ ОТКРИВААТ НОВИ ТРАГИ ВО ТРОЈА Дали конечно се појавува доказ за легендарната војна

Додека новиот филм „Одисеја“ повторно го буди интересот за Хомер, во древниот град во Туркије се истражуваат траги од разурнувања, дворски градби и населби стари илјадници години.

АРХЕОЛОЗИТЕ ОТКРИВААТ НОВИ ТРАГИ ВО ТРОЈА Дали конечно се појавува доказ за легендарната војна
Фото: Принтскрин

Додека новиот филм „Одисеја“ повторно го буди интересот за митскиот свет на Хомер, во древна Троја археолозите продолжуваат да откриваат нови траги од историјата на градот кој со векови ги инспирирал легендите. Во рамки на годинешната археолошка сезона, ископувањата под раководство на Министерството за култура и туризам на Туркије се одвиваат на неколку делови од локалитетот.

Во Долниот град истражувачите откриваат улици со колонади и продавници од римскиот период, кои нудат нови сознанија за трговијата и секојдневниот живот на жителите. Кај Јужната порта, пак, се истражуваат траги од разурнувања кои временски се поврзуваат со периодот на Тројанската војна. Во централниот дел на локалитетот продолжуваат и истражувањата на дворските објекти од бронзеното време.

Град стар повеќе од 5.000 години

Троја се наоѓа во близина на Чанаккале, на северноегејскиот брег на Туркије, а нејзината историја се протега повеќе од пет милениуми. Археолошкиот локалитет сведочи за повеќе последователни населби, чии остатоци се распоредени во различни слоеви – од раното бронзено време, па сè до римската епоха.

Нејзината положба меѓу Европа и Азија и близината на Дарданелите ја претвориле Троја во значаен центар на трговијата и културната размена низ различни историски периоди. Особено внимание на археолозите привлекуваат Троја VI и Троја VII – две од најзначајните фази во развојот на древниот град.

Троја VI се развивала во бронзеното време, додека Троја VII претставува подоцнежна населба изградена на истото место. Токму Троја VII, која била уништена во пожар околу XIII век пр.н.е., традиционално се поврзува со градот на кралот Пријам од „Илијада“. Археолозите преку остатоците од овие слоеви се обидуваат да одговорат на едно од најголемите историски прашања: колку вистинската Троја се совпаѓа со градот и настаните што подоцна ги овековечил Хомер?

Траги што ја поврзуваат Троја со древна Анадолија

Новите археолошки сознанија фрлаат светло и врз историското потекло на градот. Во хетитските записи од бронзеното време се споменува Вилуса – место кое дел од истражувачите го поврзуваат со Троја. Дополнителна трага претставува и лувискиот печат пронајден на археолошкиот локалитет.

Овие наоди укажуваат дека Троја не била само митскиот град познат од Хомеровите епови. Таа била вистински град, длабоко поврзан со сложениот политички и културен свет на древна Анадолија.

Од археолошкиот локалитет до музејот

Приказната за Троја продолжува и во Музејот на Троја, кој се наоѓа во непосредна близина на археолошкиот локалитет. Во музејот се изложени бројни артефакти пронајдени за време на ископувањата, преку кои посетителите можат да го следат развојот на градот низ различните историски периоди.

Современата музејска поставка истовремено покажува како археолозите ги составуваат деловите од сложената приказна за Троја – од материјалните остатоци до историските записи и древните митови.

Троја пристигна и во Рим

Годинашниот интерес за древниот град не се ограничува само на археолошкиот локалитет во Туркије. Во Рим, во Археолошкиот парк на Колосеумот, се одржува големата изложба „Троја и Рим: Митови, легенди и приказни од древниот Медитеран“. Изложбата започна на 12 јуни и ќе трае до 18 октомври, а на неа се претставени повеќе од 300 артефакти. Од нив, над 220 се позајмени од 19 музеи од Туркије.

Така, додека филмската индустрија повторно ги оживува епските приказни на Хомер, археолозите на терен се обидуваат да ја раздвојат легендата од историјата – и да откријат што навистина се случувало зад ѕидините на Троја.

CATEGORIES
Share This