20 ПРВИ НАГРАДИ И ЕДНА МАГИЧНА НОЌ Алиса Садикова го освои Охрид
Руско-американската виртуозка со дела од Бах, Дебиси, Шопен и Сметана приреди впечатлива музичка вечер и беше наградена со громогласен аплауз.

Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер имаше можност да ужива во раскошната колористична и лирска звучност на харфата, во маестрална изведба на младата, но веќе афирмирана руско-американска харфистка Алиса Садикова.
Со својата виртуозна техника и впечатлива интерпретација, Садикова уште еднаш покажа зошто важи за една од најталентираните и најнаградувани млади харфистки на денешницата. Нејзината изведба беше проследена со големо внимание, а по завршувањето на концертот уметницата беше наградена со громогласни аплаузи.
Концертната програма понуди впечатлив спој на дела од различни музички епохи и стилови. Вечерта започна со „Токата и фуга“ од Јохан Себастијан Бах, во транскрипција за харфа на Белов, по што следуваше кинеска музика, а потоа и две дела од „Свитата Бергамаск“ на Клод Дебиси – „Прелудиум“ и познатата „Клер де Лун“.
На програмата беа и варијации на тема од операта „Норма“ од Белини од Париш Алварс, „Фантазија-импромпту“ од Фредерик Шопен во транскрипција за харфа, дела од Мануел де Фаља, како и „Фантазија за харфа од Влтава“ од Беджих Сметана, во транскрипција на Трнечек.
„Сакам музика за пијано и сметам дека таа звучи многу убаво на харфа. Звучи поинаку, но сепак е премногу убаво“, изјави Садикова.
Таа посочи дека пренесувањето на пијанистичките дела на харфа е особено голем предизвик поради педалите и промените на хармониите. Не го криеше воодушевувањето од просторот во кој настапи, нагласувајќи дека акустиката на црквата дополнително го истакнува специфичниот звук на инструментот.
„Целата црква е преубава, го сакам звукот на харфата во неа. Секоја нота звучи совршено. Секој човек многу убаво ќе ја слушне харфата овде, без да се користи микрофон“, додаде уметницата.
Алиса Садикова е родена во Санкт Петербург, каде што започнала да учи харфа во класата на Карина Малејева во Специјалното училиште за талентирани деца при Конзерваториумот „Н. Римски-Корсаков“.
Нејзиното музичко образование продолжило во Белгија, како стипендистка на Фондацијата „Салви“, во школата „Кембриџ музика мунди“, каде што работела со Кетрин Мишел. Потоа го продолжила образованието на престижната школа „Џулијард“ во САД, каде што дипломирала минатата година. Во моментов Садикова е на постдипломски студии во класата на Ненси Ален на „Џулијард“, како стипендистка на Фондацијата „Ковнер“.
Нејзината досегашна кариера е исполнета со бројни признанија. Во биографијата има запишано повеќе од 20 први награди на меѓународни натпревари, со што се вбројува меѓу најнаградуваните млади харфистки на светската музичка сцена.

