АКЦИЈА КАКО ОД ФИЛМ Погледнете како француските специјалци се качија на рускиот танкер
Француските маринци со хеликоптери се спуштија на танкерот „Деливер“, за кој постои сомнеж дека е дел од руската „флота во сенка“.

Францускиот претседател Емануел Макрон објави видео од спектакуларна поморска операција во која француски маринци од хеликоптери се спуштаат на танкерот „Деливер“, брод за кој постои сомнеж дека е дел од руската „флота во сенка“ што се користи за заобиколување на западните санкции.
Според француските власти, танкерот пловел под лажно камерунско знаме и бил пресретнат од француската морнарица додека минувал покрај брегот на Сицилија. Макрон порача дека Европа нема да дозволи ваквите бродови да продолжат да генерираат приходи кои, според западните земји, се користат за финансирање на руските воени операции во Украина.
Во својата објава на платформата X, францускиот претседател истакна дека акцијата претставува јасен сигнал за решителноста на европските сојузници да ја ограничат работата на таканаречената руска „флота во сенка“.
Тој нагласи дека Европската Унија ќе продолжи со сите неопходни чекори за зголемување на економскиот притисок врз Москва и за спречување на заобиколувањето на санкциите воведени поради војната во Украина.
Француската операција доаѓа само неколку дена по слична акција на Велика Британија. На 14 јуни британските специјални сили и агенти на Националната агенција за криминал извршија рација врз танкерот „Смиртос“ во Ламанш.
Бродот, кој превезувал повеќе од 100.000 тони руска нафта кон Индија, бил задржан откако останал без валидно знаме, по одлуката на Камерун да го избрише од својот бродски регистар заедно со уште десетици други пловни објекти поврзани со руската „флота во сенка“.
Руските власти остро реагираа на пресретнувањата и запленувањата на танкерите, оценувајќи ги како грубо кршење на меѓународното поморско право.
Москва ги нарече акциите на западните морнарици „чинови на меѓународно пиратство“, додека европските земји тврдат дека станува збор за легитимни мерки против мрежа што служи за избегнување на санкциите и прикривање на потеклото на руската нафта.
La Marine Nationale a arraisonné mardi le pétrolier Deliver alors qu’il transitait au large de la Sicile en infraction avec le droit de la mer.
Cette nouvelle action contre la flotte fantôme, conduite quelques jours après une opération similaire par le Royaume-Uni… pic.twitter.com/5Gjn43MhLr
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) June 25, 2026


