НОВИ ПРАВИЛА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ Независните кандидати ќе можат со само двајца потписници
Минатата недела ДИК го поништи упатството за собирање потписи од 2024 година, бидејќи Уставниот суд ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик.

Независните кандидати за советници и градоначалници ќе можат да учествуваат на локалните избори со поддршка од само двајца избирачи. Ова е утврдено со новиот Правилник за постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи, кој вечерва беше усвоен на седница на Државната изборна комисија (ДИК).
Правилникот го предложи членот на ДИК, Александар Даштевски, повикувајќи се на членот 63 од Изборниот законик. Тој објасни дека иако членот 62, кој се однесува на локалните избори, беше укинат од Уставниот суд, постапката за прибирање потписи е предвидена со членот 63.
„Собирањето потписи започнува 10 дена по распишувањето на изборите и трае 15 дена. Подносителите на кандидатски листи – група избирачи треба да ја потврдат листата во подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК, со важечки документи за лична идентификација. За поддршка на кандидатурата доволни се потписи од најмалку двајца избирачи од истата општина“, рече Даштевски.
Тој додаде дека потписите ќе се собираат во редовно работно време на ДИК (08:30 – 16:30 часот), и нагласи дека оваа постапка важи само за овие избори.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изрази спротивно мислење од процедурално-правен аспект, но сепак заедно со колегата Оливер Ристовски гласаше за донесување на правилникот.
„Согласно членот 60 од Изборниот законик, група избирачи имаат право да поднесат кандидатска листа и без собирање потписи, бидејќи Уставниот суд ги укина одредбите за нивниот број. Формално-правно, постапката со потписи е спорна, но во интерес на изборниот процес решив да го поддржам правилникот. Без него би настанал правен вакуум и би се довел во прашање целиот изборен процес“, изјави Кондарко.
Тој потсети дека Собранието во два наврати не успеа да го регулира ова прашање, па ДИК морала да донесе преодно решение.
„Суштински, бројот на потписи требаше да биде нула. Но, со правилникот предвидовме најмалку два потписи – што е повеќе симболична мерка и не ја менува суштината“, додаде Кондарко.
Минатата недела ДИК го поништи упатството за собирање потписи од 2024 година, бидејќи Уставниот суд ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик. Вчера Собранието се обиде да донесе измени кои ќе предвидат минимум 0,5% потписи од запишаните избирачи во општината, но тие не беа изгласани поради недоволен број на бадентерови гласови.

