НА САРА И ТРЕБА МИР Семејството со итен апел пред утрешниот протест во Охрид

По повторното определување притвор за осомничениот, родителите на младата охриѓанка бараат граѓаните да се откажат од најавениот протест пред Обвинителството

НА САРА И ТРЕБА МИР Семејството со итен апел пред утрешниот протест во Охрид
Фото: Принтскрин

Семејството на младата Сара Георгиевска од Охрид, која беше жртва на брутално физичко насилство, упати апел до граѓаните да се откажат од најавениот протест за утре пред Основното јавно обвинителство во Охрид.

Родителите изразуваат благодарност за огромната поддршка од јавноста, но по последниот развој на настаните во обвинителството и повторното определување притвор за осомничениот, велат дека во овој момент најважни им се мирот и закрепнувањето на нивната ќерка.

По промената на јавниот обвинител Стојанчо Арнаудоски, кој претходно постапуваше по предметот, случајот го презела обвинителката Викторија Коваческа Мандулоска. Според информациите на Ohrid1, по преземањето на предметот бил побаран и определен притвор за осомничениот.

Претходно во јавноста се појавија наводи за блискост на досегашниот обвинител Арнаудоски со семејството Корабоски, од кое потекнува осомничениот. Овие наводи засега не се официјално потврдени како причина за промената на обвинителот.

Семејството на Сара вели дека е задоволно од последниот развој на настаните и дека очекува институциите професионално да си ја завршат работата, без дополнителен притисок и јавни реакции кои би можеле да го нарушат мирот на девојката.

Родителите откриваат дека зад нив се повеќе од 40 часа вистинска голгота по болниците, исполнети со страв, неизвесност и огромен психички притисок. Сара сè уште е во шок од преживеаното и постепено се обидува да закрепне.

Особено загрижувачки е фактот што младата девојка воопшто не е информирана за најавениот протест, ниту пак знае за размерите на реакциите во јавноста.

„Нашата ќерка сè уште не знае каков одек има случајот во јавноста. Не знае што сè е објавено, ниту дека се најавува протест. Таа сè уште е во шок и полека се враќа на себе. Нам сега ни треба мир“, порачува семејството во разговорот за Ohrid1.

Родителите нагласуваат дека нивната борба нема никаква политичка заднина и дека не сакаат трагедијата на нивната ќерка да биде искористена за политички цели.

Нивната порака е дека во овој момент најважно е Сара да закрепне, а надлежните институции да постапат согласно законот и да ја утврдат одговорноста.

CATEGORIES
Share This