ВАЊА НЕ Е САМО БРОЈ – ТАА БЕШЕ ЖИВОТ – Емотивното писмо на мајката на Вања
Ова сведоштво, иако не беше дел од формалниот дел на постапката, фрли светлина врз човечката димензија на случајот кој ја потресе јавноста.

Во текот на судскиот процес за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, мајката на трагично убиеното девојче, Зорица Ѓорчевска, преку својот адвокат достави до Судот емотивно писмо, во кое ја искажа својата длабока болка и загуба.
Иако Судот не дозволи писмото да биде целосно прочитано во судница, со образложение дека „не се однесува на околностите поврзани со имотно-правното побарување и кривичниот прогон“, делови од него предизвикаа силни емоции кај присутните.
„Се обраќам до Судот не само како мајка, туку и како човек кој живее со најтешка и необјаснива болка“, пишува Ѓорчевска во писмото. Таа нагласува дека и покрај различните теории, обвинувања и одбрани што се појавиле во текот на процесот, еден факт останува непобитен – нејзината ќерка ја нема.
„Ја киднапирале и ја убиле безмилосно, на најбрутален начин. Детето мое“, стои понатаму во писмото.
Мајката ја опишува Вања како интелигентна и љубопитна тинејџерка која имала многу планови за училиште, за патувања, за живот. Љубителка на стари филмови и историја, енциклопедиски ги знаела знамињата и главните градови на светот.
„Секое утро со музика се подготвуваше за на училиште. Тоа последно утро си ја пушти омилената песна и потпевнувајќи се подготви. Ја испратив до врата и ѝ реков: ‘Се слушаме мама подоцна’. Тоа беше последен пат да ја видам“, сведочи Ѓорчевска.
Во писмото се апелира дека вакви трагедии не смеат да се повторат и дека ниеден родител не треба да го доживее она што таа го преживува – да го испрати своето дете во училиште, а по неколку дена да го пречека во мртовечки сандак.
Ова сведоштво, иако не беше дел од формалниот дел на постапката, фрли светлина врз човечката димензија на случајот кој ја потресе јавноста. Суѓењата за убиството на Вања продолжуваат, а семејството бара правда и достоинствена меморија за својата ќерка.


