КОЈ ГО СКВЕРНАВИ МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ВО ГОСТИВАР Се огласија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Заедничко барање за откривање на сторителите, но и различни политички пораки за одговорноста и состојбите во општеството.

Сквернавењето на македонското државно знаме во центарот на Гостивар предизвика реакции од политичките партии, кои побараа надлежните институции итно да ги идентификуваат сторителите и да постапат согласно законите.
По објавувањето на видеоснимката на која се гледа како неколку лица го симнуваат македонското знаме од јарболот, го туткаат и го фрлаат на земја, со осуди и барања за институционална одговорност се огласија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека македонското знаме е државен симбол и дека секое негово непочитување треба да биде санкционирано.
„Ваквиот однос на поединци во општеството создава поделби, а не сплотување. Ги повикуваме надлежните институции веднаш да постапат и да ги идентификуваат сторителите“, порачаа од партијата.
Од СДСМ, исто така, го осудија сквернавењето на државното знаме, барајќи од МВР веднаш да го расчисти случајот и да обезбеди одговорност согласно законот.
„Сквернавењето на државното знаме е навреда за сите граѓани и чин против државата што мора да се санкционира“, наведуваат од СДСМ.
Притоа, од партијата упатија и критики кон власта на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја дека со своите политики создава поделби и тензии во општеството.
Со остра осуда се огласи и Единствена Македонија, која нагласува дека заштитата на националните и државните интереси е една од нејзините основни определби. Од партијата порачуваат дека македонското знаме не е обично парче ткаенина, туку симбол на македонската државност, суверенитет, национален идентитет и историски континуитет.
„Непочитувањето и сквернавењето на државното знаме претставува навреда за државата и за сите граѓани кои ја почитуваат Република Македонија“, наведуваат од Единствена Македонија.
Оттаму бараат МВР и надлежното обвинителство итно да ги идентификуваат лицата што учествувале во инцидентот, да ги утврдат сите околности и да постапат согласно законите, без селективност и двојни аршини. Од Единствена Македонија дополнуваат дека почитувањето на туѓите национални симболи не смее да биде проследено со непочитување на македонското државно знаме, нагласувајќи дека соживотот се гради врз меѓусебно почитување.
„Република Македонија мора да има достоинство, а нејзиното знаме мора да се почитува на целата нејзина територија!“ порачуваат од партијата.
Инаку, случајот бил пријавен во ОВР Гостивар, по што полициска екипа извршила увид. Од МВР информираа дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.

