ЧИЈА СИ ГИ РАСПЛАКА СИТЕ Славе Димитров го прослави 80. роденден со концерт за паметење

Вечер за паметење во Македонската филхармонија – македонските генерации заедно ги пееја песните на композиторот кој остави неизбришлива трага во домашната музика.

ЧИЈА СИ ГИ РАСПЛАКА СИТЕ Славе Димитров го прослави 80. роденден со концерт за паметење
Фото: Национал

Со величествен концерт насловен „Од Евридика до Чија си“, македонскиот композитор, пејач, аранжер и музички продуцент Славе Димитров го прослави својот 80. роденден. На сцената на Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар, под диригентство на маестро Џијан Емин, изведе 24 композиции од богатото творештво на Димитров, во нови оркестарски аранжмани.

Публиката уживаше во безвременските хитови „Евридика“, „Ти си песна што ќе трае“, „Го слушам твојот глас“, „Чао адио“, „Очи“, „Нежност“, „Делфина“ и „Лилјана“, но и во познатите детски песни „Опстанок“, „Зелка има кошули триста“ и „Во светот на бајките“. Водител на вечерта беше Игор Џамбазов, кој преку приказни и анегдоти од музичката кариера на Димитров ја потсети публиката на неговите настапи на фестивалите во Опатија, Загреб, Белград и Скопје.

Најемотивниот момент се случи на крајот, кога на сцената се приклучи и самиот Славе Димитров, заедно со учесниците на концертот, да ја испее легендарната „Чија си“. Со солзи во очите, аплаузи и заедничко пеење, публиката му оддаде почит на авторот чии песни со децении се дел од македонската музичка меморија.

Во чест на неговиот 80. роденден и богатиот музички опус, неодамна беше објавена и авторизираната биографија „Чија си“, од авторот Максим Ристески, во издание на „Арс либрис“. Оваа година се одбележуваат и 55 години од првото јавно изведување на песната „Чија си“, еден од најпрепознатливите музички белези на Славе Димитров.

CATEGORIES
Share This