АПЛАУЗИ И ОВАЦИИ ВО МНТ „Црно злато“ ги отвори раните на македонските транзиции
Долготраен аплауз и овации во Македонскиот народен театар за премиерата на црната комедија посветена на Горан Стефановски – претстава што ги отвора прашањата за идентитетот, парите, љубовта и македонските транзиции.

Со долготраен аплауз и овации, публиката во Македонскиот народен театар ја поздрави премиерата на „Црно злато“, новата претстава според текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски. Премиерата се одржа на 27 ноември, на осумгодишнината од смртта на драмскиот великан Горан Стефановски, кому Дуковски и Унковски му ја посветија претставата.
Претставата, со поднаслов „Опиум и пари“, е инспирирана од мотив од драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле. Насловот се поврзува со историското производство на опиум во Македонија, позната по неговиот висок квалитет кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во центарот на црната комедија е семејство соочено со општествени, политички, етички и родови промени. Преку судирот на генерациите, семејните односи, парите, љубовта и предрасудите, Дуковски ги отвора прашањата за личниот идентитет и прифаќањето на различностите.
Во текстот се присутни и цитати и мотиви од творештвото на Горан Стефановски, со што се воспоставува врска меѓу три значајни имиња на македонската драматика – Ристо Крле, Горан Стефановски и Дејан Дуковски. Ова е десетта претстава на Дуковски поставена на сцената на МНТ и петта негова соработка со режисерот Слободан Унковски.
Во претставата играат Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет. Сценографијата е на Бранко Хојник, музиката на Златко Ориѓански, а костимографијата на Александар Ношпал.
Дуковски и Унковски веќе подготвуваат нов заеднички проект – драматизација на романот „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, чија премиера се очекува на почетокот на идната година во Солун. „Некаде тргнавме, никаде не стигнавме“ е една од репликите во „Црно злато“ – претстава која преку приказната за едно семејство ги преиспитува и последиците од повеќедецениските општествени транзиции.

