ПЕЛИСТЕР НЕ СМЕЕ ДА ПОГРЕШИ ВО ШПАНИЈА: Една победа го дели од големата европска цел!

Нема одмор за избраниците на Лино Червар – по големата победа во македонското дерби, Пелистер тргна кон Шпанија, каде што го очекува пресметка во која мора да победи ако сака да продолжи во Европската лига.

Пелистер немаше многу време за славење по големата победа над ГРК Охрид во дербито од 12. коло во Супер-лигата. Битолчани веднаш се вратија на европските обврски, бидејќи пред нив е еден од најважните натпревари сезонава. Ракометарите на македонскиот шампион само неколку часа по завршувањето на дербито се спакуваа и заминаа кон Шпанија, каде што ги очекува дуелот со Ла Риоха.

Битолчани сè уште имаат шанса да обезбедат пласман во главната рунда од Европската лига и сами одлучуваат за својата судбина. По одличното издание и победата над Гдањск на домашен терен, Пелистер остана во игра за продолжување на европската авантура. Но, сега нема простор за калкулации – триумфот против Ла Риоха е единствената опција доколку македонскиот претставник сака да ја продолжи трката во Европа.

Натпреварот меѓу Ла Риоха и Пелистер е закажан за вторник со почеток во 18:30 часот. За потсетување, Македонија ќе има уште еден претставник во главната рунда од Европската лига – Вардар, кој не успеа да ја мине групната фаза во Лигата на шампионите, па европскиот пат го продолжува во ова натпреварување.

CATEGORIES
Share This