30 УЧИЛИШТА ЗАТВОРЕНИ ЗА ПЕТ ГОДИНИ Образованието изгубило 5.431 основец

Во учебната 2021/2022 година, во земјава имало 973 училишта и 187.555 ученици, додека пет години подоцна бројките паднале на 943 училишта и 182.124 ученици.

30 УЧИЛИШТА ЗАТВОРЕНИ ЗА ПЕТ ГОДИНИ Образованието изгубило 5.431 основец

Во период од пет години, македонското образование бележи загрижувачки пад – 5.431 ученик помалку и затворање на 30 училишта низ државата. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на основци континуирано опаѓа, а државата сè уште нема конкретна стратегија за справување со овој долгогодишен проблем.

Во учебната 2021/2022 година, во земјава имало 973 училишта и 187.555 ученици, додека пет години подоцна бројките паднале на 943 училишта и 182.124 ученици. Најголемиот пад е забележан во руралните средини, каде учениците често следат настава во комбинирани паралелки поради мал број ученици.

Демографот и поранешен директор на ДЗС, м-р Дончо Герасимовски, објаснува дека главната причина за овој негативен тренд е намалениот наталитет.

„Во седум од осум региони имаме негативен природен прираст, односно повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат. Во повеќе од 60% од општините се бележи пад на наталитетот, што директно влијае на бројот на првачиња“, истакнува Герасимовски.

Покрај намалениот број на родени деца, причина е и иселувањето на младото население.

„Годишно околу 1.000 деца се раѓаат во странство. Дури 10 општини имаат повеќе живородени деца надвор од земјата отколку во Македонија, меѓу кои се Пласница, Маврово-Ростуше и Ново Село“, посочува демографот.

Само Скопскиот регион бележи позитивен природен прираст, што се должи на миграцијата кон главниот град.

„Скопје стана Македонија, додека во источниот регион 11 општини 25 години бележат негативен природен прираст. Исто така, во Полошкиот регион, како и во Тетово и Гостивар, има масовно намалување на бројот на живородени деца“, додава Герасимовски.

Тој предупредува дека недостасува систематско следење и анализа на причините за напуштање на училиштата, како и на регионалните разлики во развојот.

„Од околу 19.000 запишани првачиња, на пример, од 1.500 до 2.000 ученици „губиме“ само во првата година, главно поради иселување“, вели тој.

Герасимовски потенцира дека слични демографски предизвици имаат и другите земји од регионот, како Бугарија, Србија и Албанија, но апелира дека македонската држава мора да го сфати овој проблем сериозно и да преземе мерки за негово решавање.

CATEGORIES
Share This