КРАЈ НА ЕВТИНИТЕ НАРАЧКИ ОД КИНА – ЕУ додава нови 2 евра за секој производ
Нарачките од интернет-платформи надвор од ЕУ стануваат поскапи: покрај царинската давачка од 3 евра, се воведува и дополнителен надоместок за ракување, кој може значително да ја зголеми цената на евтините производи.

Купувањето преку интернет-платформи од земји надвор од Европската Унија добива нова финансиска ставка. Покрај фиксната царинска давачка од 3 евра за мали пакети, се воведува и дополнителна такса за ракување од 2 евра по артикл. Новата мерка ќе важи унифицирано во сите земји-членки на ЕУ, а целта е покривање на трошоците за обработка и контрола на огромниот број пратки што пристигнуваат на европскиот пазар.
Новите трошоци најмногу ќе ги почувствуваат купувачите на поевтини производи. За артикл од 10 евра, покрај цената на производот, се пресметуваат 3 евра царинска давачка и 2 евра такса за ракување, како и ДДВ доколку не е веќе вклучен. Така, дополнителните давачки можат да надминат 8 евра, што значи дека трошоците речиси ќе ја достигнат вредноста на самиот производ.
Трошоците растат и кога во една пратка има повеќе различни артикли. На пример, ако нарачката содржи маица, паричник, слушалки и шише за вода, царинската давачка би изнесувала 12 евра, а таксата за ракување дополнителни 8 евра. Тоа значи вкупно 20 евра давачки, без пресметан ДДВ.
Според одлуката на Европската комисија, трошокот за ракување не треба директно да им се префрла на потрошувачите, но продавачите и интернет-платформите можат да го вклучат во цената пред купувањето. Потрошувачките здруженија предупредуваат дека новите давачки можат значително да ги поскапат нарачките, особено кај производите со мала вредност.
Фиксната царинска давачка од 3 евра е привремена мерка за пакети со вредност до 150 евра и, според најавите, треба да важи до 1 јули 2028 година, кога се очекува воспоставување европски центар за податоци. Потоа се планира премин кон пресметување на давачката според процентна стапка.
Новата такса за ракување од 2 евра по артикл, пак, е предвидена како трајна мерка и ќе се применува за пратки од земји надвор од ЕУ, независно од вкупната вредност на нарачката. Мерките доаѓаат по податокот дека минатата година на европскиот пазар пристигнале речиси шест милијарди мали пакети, од кои дури 93 проценти биле од Кина.

