ИМАТЕ ЛЕТНИ ГУМИ Може да возите и во зима, но само ако исполнувате важен услов

Возачите имаат уште малку време да ги подготват возилата за зимските услови.

ИМАТЕ ЛЕТНИ ГУМИ Може да возите и во зима, но само ако исполнувате важен услов
Фото: Принтскрин

Од 15 ноември стапува на сила обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март следната година. Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека секој возач треба навреме да ги провери пневматиците и потребната опрема, бидејќи непочитувањето на правилата може да доведе до санкции, но и да ја загрози безбедноста во сообраќајот.

Обврската е регулирана со Правилникот за задолжителна опрема на возилата, велосипедите и запрежните возила за безбедно учество во сообраќајот, како и на тракторите при извршување земјоделски и шумски работи.

За возилата со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, како задолжителна зимска опрема се признаваат две можности: Зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и летни пневматици на сите четири тркала, исто така со шара од најмалку 4 милиметри, но со задолжително поседување синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Доколку користите зимски пневматици, тие мора да бидат поставени на сите четири тркала и да имаат минимална длабочина на шарата од 6 милиметри. Ако возилото има летни пневматици, шарата мора да биде длабока најмалку 4 милиметри, а задолжително е и поседување синџири за снег. Кај возилата со постојан погон на сите четири тркала, синџирите треба да бидат најмалку за задната осовина, додека кај возилата со преклоплив погон – за постојано вклучената осовина.

За товарните возила и автобусите со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри. Алтернатива се летни пневматици на сите четири тркала со шара од најмалку 4 милиметри, но само доколку возилото има соодветни синџири за снег или други помагала. Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала, мора да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат лопата.

Според МВР, за зимски пневматици се сметаат оние на чија странична страна се наоѓаат ознаките „MS“, „M+S“, „M&S“, како и симболот на снегулка во стилизирана планина со три врва. Дополнително, со важечкиот правилник е забрането користење пневматици со клинци во патниот сообраќај.

Од МВР апелираат возачите да не чекаат до последен момент, туку навреме да ја обезбедат потребната зимска опрема и да ги почитуваат законските правила за побезбедно учество во сообраќајот во зимски услови.

CATEGORIES
Share This