УШТЕ ЕДНА ПЕНЗИЈА ВО ДЕКЕМВРИ Швајцарците добиваат 13-та пензија, може ли и Македонија да го следи примерот
Граѓаните на референдум ја поддржаа дополнителната годишна пензија, а сега се бара начин за нејзино финансирање. Дали и Македонија може да го преземе швајцарскиот модел?

Швајцарските пензионери наскоро ќе добијат уште една пензија во годината. Првата исплата на 13-та пензија е најавена за 1 декември 2026 година, откако на референдумот во март 2024 година дури 58,2 проценти од гласачите ја поддржаа оваа мерка. Дополнителната исплата ќе се реализира преку швајцарскиот систем за старосно и семејно осигурување (AHV), но останува отворено прашањето како долгорочно ќе се обезбедат потребните средства.
Според проценките на швајцарските институции, 13-та пензија во почетокот ќе чини околу четири милијарди франци годишно, односно приближно 4,3 милијарди евра. На подолг рок трошокот може да достигне пет милијарди франци. Како решение се предлага зголемување на ДДВ од 8,1 на 8,5 проценти, кое би стапило во сила во 2028 година доколку добие поддршка на референдумот закажан за 29 ноември 2026 година.
Интересна иницијатива доаѓа и од дел од швајцарските пензионери. Фондацијата „Fondation Chance 13“ ги повикува финансиски постабилните пензионери да се откажат од дополнителната исплата и да ја донираат за хуманитарни цели, помош на сиромашни повозрасни лица и образование на младите. Според проценките на фондацијата, со ваква иницијатива би можеле да се соберат околу една милијарда франци.
Швајцарската одлука повторно го отвора прашањето дали и Македонија може да воведе дополнителна годишна исплата за пензионерите. За оние со најниски пензии, ваквата помош би била особено значајна во зимските месеци, кога растат трошоците за храна, греење и сметки. Но, за разлика од Швајцарија, Македонија би морала да обезбеди стабилен извор на финансирање за ваквата мерка, без дополнително да го оптовари пензискиот систем.

