ЈОТОВА ПОБЕДИ, СИЉАНОВСКА Ѝ ЧЕСТИТА Очекува конструктивна улога на Бугарија кон Македонија

Македонската претседателка ѝ ја честиташе изборната победа на Илијана Јотова и изрази очекување Бугарија да има конструктивна улога во регионот.

ЈОТОВА ПОБЕДИ, СИЉАНОВСКА Ѝ ЧЕСТИТА Очекува конструктивна улога на Бугарија кон Македонија
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ја честиташе изборната победа на Илијана Јотова, која вчера победи на претседателските избори во Бугарија, заедно со кандидатот за потпретседател Кирил Валчев. Во објава на социјалната мрежа Х, Сиљановска-Давкова порача дека изборниот резултат ја одразува волјата на бугарските граѓани и изрази уверување дека Бугарија ќе има конструктивна улога во регионот и Европа.

„Во име на македонските граѓани и од мое лично име им ја честитам изборната победа на претседателката Илијана Јотова и на потпретседателот Кирил Валчев. Успехот на претседателката Јотова ја одразува волјата на бугарскиот народ. Уверена сум дека за време на нејзиниот мандат Бугарија ќе одигра конструктивна улога во нашиот регион и во Европа“, напиша македонската претседателка.

Таа изрази надеж дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи врз основа на меѓусебна почит, отворен дијалог и искрено партнерство.

„Со добра волја можеме да ги надминеме постојните предизвици, да ги зајакнеме македонско-бугарските односи и да ги унапредиме мирот, стабилноста и просперитетот“, порача Сиљановска-Давкова.

Според објавените изборни резултати, кандидатската двојка Илијана Јотова – Кирил Валчев освоила 57,58 отсто од гласовите, додека Андреј Ѓуров и Георги Кандев добиле 39,47 проценти.

CATEGORIES
Share This