ЗВУЧНИ ХОРИЗОНТИ НА МАКЕДОНИЈА Пијанистката Мимоза Ќека вечерва со посебен концерт во КИЦ

Докторката по музички уметности ќе одржи солистички рецитал во Салон 19.19 при КИЦ, со програма што ги спојува класиците на светската музика со македонското музичко творештво.

ЗВУЧНИ ХОРИЗОНТИ НА МАКЕДОНИЈА Пијанистката Мимоза Ќека вечерва со посебен концерт во КИЦ
Фото: Принтскрин

Љубителите на класичната музика вечерва ќе имаат можност да проследат посебна музичка вечер во Скопје. Пијанистката д-р Мимоза Ќека во Салон 19.19 при Културно-информативниот центар ќе го одржи солистичкиот рецитал „Звучни хоризонти на Македонија“, со почеток во 19 часот.

На програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Волфганг Амадеус Моцарт, Томислав Зографски и Морис Равел, со посебен акцент на пијанистичките транскрипции и различните можности за музичко изразување преку клавирот.

Концертната програма ги обединува различните музички стилови и епохи, создавајќи простор за музичка средба меѓу светското класично наследство и македонското творештво.

Д-р Мимоза Ќека е концертна пијанистка и доктор по музички уметности, со богата меѓународна активност како солистка и камерна музичарка.

Настапувала во Њујорк, Париз, Виена, Рим, Прага и Милано, а нејзината професионална работа опфаќа концертна интерпретација, пијанистичка педагогија и авторски концертни проекти.

Проектот „Звучни хоризонти на Македонија“ е поддржан од Министерството за култура и туризам.

CATEGORIES
Share This