ОД РУСКИТЕ ДЕПОЗИТИ ДО БАНКАРСКИОТ КОЛАПС Што се случувало во Алта банка пред одземањето на лиценцата
„Фајненшл тајмс“ открива дека банката била предмет на проверки на Европската централна банка уште во 2024 година, поради сомневања за потеклото на депозитите.

Српската Алта банка, на која Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа поради влошена финансиска состојба и проблеми со ликвидноста, уште во 2024 година била предмет на проверки од Европската централна банка поради сомневања за перење пари.
Според „Фајненшл тајмс“, европскиот регулатор изразил сериозна загриженост за способноста на банката да го проверува легитимното потекло на депозитите. Во меѓувреме, српските обвинителски органи побараа темелна истрага за нејзиното работење и одливот на капитал во странство.
По почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Алта банка стана една од ретките банки во регионот што отвораше лични и деловни сметки за руски државјани и компании. Тоа довело до нагло зголемување на обемот на работа, а депозитите на клиентите до крајот на минатата година биле повеќе од петпати повисоки. Уште во 2022 година банката соопштила дека изложеноста на девизен ризик достигнала 42 проценти, над законски дозволениот лимит од 20 проценти.
По изборите во Србија, според извори на „Фајненшл тајмс“, клиентите на банката повлекувале големи суми готовина и префрлале значителни средства во странство. Јавното обвинителство за организиран криминал побарало темелна истрага за финансиското работење на банката, но и за постапувањето на одговорните лица во Народната банка на Србија.
И Студентската листа побарала истрага, оценувајќи дека проблемите не настанале преку ноќ, туку се последица на задоцнета реакција на регулаторите. „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на свои извори, објави дека сопственикот на банката, Давор Мацура, по изборите се обидел да замине во Москва.
Претходно, во средината на октомври, на Мацура не му бил дозволен влез во Црна Гора. Од банката тогаш соопштиле дека не му била образложена причината за забраната.
По одземањето на лиценцата на српската Алта банка, Народната банка на Македонија воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола. Гувернерот Трајко Славески нагласи дека мерката не е резултат на финансиски проблеми во македонската банка. Според него, таа е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио, а администрацијата е воведена поради случувањата со нејзиниот акционер од Белград.
За клиентите е утврден неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички, додека електронското банкарство во моментов не работи. Кредитокорисниците, пак, и понатаму треба редовно да ги подмируваат своите обврски.
Стопанска банка Битола беше преименувана во Алта банка Битола на 12 декември 2025 година, откако беше преземена од српската Алта банка со одобрение од Народната банка.

