ЗЕЛЕНСКИ ГО ПОВИКА ПУТИН НА СРЕДБА ВО ТУРЦИЈА Ердоган да посредува, Трамп да помогне за крај на војната

Украинскиот претседател е подготвен за директни преговори со рускиот лидер, но ги отфрла барањата за предавање на Донбас и признавање на Крим како руска територија.

ЗЕЛЕНСКИ ГО ПОВИКА ПУТИН НА СРЕДБА ВО ТУРЦИЈА Ердоган да посредува, Трамп да помогне за крај на војната
Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да седне на преговарачка маса со рускиот претседател Владимир Путин, а како можна локација за средбата ја предложи Турција. Зеленски се надева дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе помогне во организирањето на директната средба, објави „Киев пост“.

„Подготвени сме за состанок во Турција. Знам дека претседателот Ердоган има врски со Путин и затоа го поддржуваме одржувањето на состанокот во Турција“, изјави Зеленски.

Според украинскиот претседател, на евентуалната средба главни теми би биле прекинот на огнот и воспоставувањето механизам за следење на почитувањето на договорот. На маса би се нашле и безбедносните гаранции за Украина, обновата на земјата и статусот на териториите под руска окупација.

И покрај подготвеноста за директни преговори, Зеленски категорично ги отфрли барањата на Путин Украина да го предаде Донбас и да го признае Крим како руска територија. Тој оцени дека таквите отстапки би биле спротивни на украинскиот Устав, со што уште еднаш ја повтори позицијата на Киев дека територијалните прашања не можат да се решаваат со еднострани барања од Москва.

Зеленски откри и дека била разгледувана можноста Украина да учествува на самитот на Г20 во Мајами во декември, каде што американскиот претседател Доналд Трамп би можел да упати покана и да предложи иницијатива за прекин на војната. Украина засега нема добиено официјална покана, но Зеленски порача дека доколку таа пристигне, Киев ќе ја прифати.

„Беше разговарано за можноста претседателот Трамп да нè покани на самитот на Г20 и можеби да предложи иницијатива за прекин на војната. Доколку Трамп испрати официјална покана, ние ќе ја прифатиме“, изјави украинскиот претседател.

Според објавените информации, САД веќе го поканиле Путин на самитот, а една од разгледуваните идеи била таму да се организира и средба со Зеленски. Кремљ, сепак, ја одбил таа можност.

Зеленски повтори дека секој договор за завршување на војната мора да ја вклучува Украина и дека никој нема право да одлучува за нејзината иднина без учество на украинското раководство.

„Не можете да одлучувате за судбината на Украина без Украина. Тоа би било неправедно и не води никаде. Нелогично е да се преговара за судбината на земјата без присуство на таа земја“, порача тој.

Украинскиот претседател истовремено ја доведе во прашање способноста на Русија да ги оствари своите првични воени цели, потсетувајќи на најавите од почетокот на инвазијата дека Москва очекувала брзо да ја освои Украина.

„Русија се сметала себеси за суперсила и тврдела дека ќе ја освои Украина за три дена. Сега влегуваме во петтата година од војната. Русија не може да ја освои Украина пет години“, изјави Зеленски.

CATEGORIES
TAGS
Share This