ПАЛЕЊЕТО ДОКУМЕНТИ НЕМА ДА ВЕ СПАСИ Студентската листа најавува апсења и истраги во Србија
Кандидатот за премиер Илија Срдановиќ најави дека прв приоритет на новата влада ќе биде владеењето на правото и истраги за сите за кои ќе има докази за кривични дела.

Студентската листа, која според објавените изборни резултати победи на предвремените парламентарни избори во Србија, најавува темелни промени во работењето на државните институции и отворање постапки за сите за кои ќе постојат докази за незаконско работење.
Во неделата се одржаа прегласувања на повеќе од 50 избирачки места, а по официјалното потврдување на конечните резултати од Републичката изборна комисија ќе започне процесот на формирање нова влада.
Првиот кандидат на Студентската листа, проф. д-р Илија Срдановиќ, во интервју за Nova.rs најави дека првите потези на новата влада ќе бидат насочени кон воспоставување владеење на правото и преземање на клучните механизми во извршната власт.
„Првите чекори на новата Влада ќе бидат поврзани со владеењето на правото и преземањето на најважните механизми за управување во извршната власт, што ќе обезбеди еднаквост за сите“, изјави Срдановиќ.
Тој додаде дека сè уште е рано да се зборува за имињата на идниот премиер и министрите, бидејќи конечната одлука ќе следува по официјалното завршување на изборниот процес.
Срдановиќ испрати јасна порака дека евентуалните апсења и кривични постапки ќе мора да се темелат врз докази и да се спроведуваат во согласност со законот. Тој нагласи дека никој нема да биде поштеден доколку обвинителството утврди основа за постапување, без разлика дали станува збор за политичари, бизнисмени, лица од економијата или вработени во јавниот сектор.
„Сите апсења што ќе следат ќе бидат во согласност со законот, каде што има докази за кривични дела, со кои ќе се занимава обвинителството“, порача кандидатот за премиер.
Како пример го посочи случајот со лицето кое го опиша како „неоспорен владетел“ и сопственик на гимназијата „Јовина“, наведувајќи дека тоа лице се наоѓа во притвор поради наводна злоупотреба на законот и непочитување судски одлуки.
Особено остар беше одговорот на Срдановиќ на тврдењата дека во одредени јавни институции деновиве се уништуваат документи со цел да се прикријат можни злоупотреби. Тој предупреди дека секој што ќе уништува или прикрива докази може да се соочи со кривична одговорност, додавајќи дека уништувањето хартиена документација не значи дека ќе исчезнат сите траги.
„Само палењето хартија не е доволно за да се сокријат сите траги што постојат. Постои и нешто во она што се нарекува електронска форма, а процедурите за ИТ форензика лесно можат да пристапат до информациите што се обиделе да ги сокријат“, изјави Срдановиќ.
Тој ги повика чесните вработени во институциите да спречат вакви појави или да ги пријават кај надлежните органи.
Срдановиќ се осврна и на обвинувањата на неговиот колега Немања Каровиќ, кој тврдеше дека „Телеком Србија“ му исплаќал на Информер меѓу 500.000 и 700.000 евра месечно, како и дека бил направен обид да се повлечат една милијарда динари од Поштанска штедионица. Кандидатот на Студентската листа изјави дека целосно стојат зад изнесените тврдења и најави дека ваквите практики нема да бидат дозволени доколку ја преземат власта.
„Трошењето буџетски средства, буџетски пари, за ваков вид редакции е недозволиво и нема да биде дозволено во иднина“, рече Срдановиќ.
Истовремено, тој нагласи дека слободата на медиумите и независноста на уредувачката политика мора да бидат загарантирани. Според него, никој не смее да се меша во уредувачките одлуки на медиумите, а слободата на информирање мора да се почитува како фундаментално човеково право.

